16 то издание на ЕХО – фестивалот што ја слави врската меѓу човекот и планината

Фестивалот ЕХО е член на IAMF – International Alliance for Mountain Film, меѓународна мрежа што ги обединува најреномираните фестивали на планински филм во светот.

Од денеска до 24 октомври во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржува 16. издание на ЕХО – Фестивалот на планински филм, кој вечерва ќе биде отворен со полскиот филм „Последната експедиција“ (The Last Expedition) на режисерката Елиза Кубарска – инспиративна приказна за жени алпинистки кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите.

Во рамки на отворањето ќе се обрати и полската писателка Ана Камињска, авторка на книгата „Ванда – приказна за силата на животот и на смртта“, посветена на легендарната алпинистка Ванда Руткевич, која ЕХО ќе ја издаде во рамките на фестивалот.

Првата вечер ќе донесе и проекции на филмовите „Девојка качувач“ (The Girl Climber) и „After Antarctica“.

Филмови, екологија и женска перспектива во алпинизмот

Годинава фестивалот ја става во фокус поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет. Посебен дел е посветен на еколошките филмови, избрани во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата.

Меѓу најавените гости се и словенечките алпинистки и документаристки Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар, добитнички на престижната награда „Златен цепин“ (Piolet d’Or), кои ќе ја претстават својата експедиција на Лалун во Индија и ќе зборуваат за женската перспектива во алпинизмот.

Планината во срцето на градот

Иако тематски посветен на планините, ЕХО е урбан по концепт – сите проекции и настани се одржуваат во Кинотеката на РСМ, во двете киносали.
Фестивалот нуди разговори со планинари, документаристи и уметници, како и детски работилници за креативност, екологија и љубов кон природата, кои ќе се одржат во Europe House Skopje.

„Главниот предизвик на ЕХО е да ја пренесе автентичната енергија и слобода на планината во срцето на градот – преку филмови, изложби, разговори и живи средби со луѓе кои ја живеат планината“, велат организаторите.

Влезот за сите проекции и настани е бесплатен.

Фестивалот ЕХО е член на IAMF – International Alliance for Mountain Film, меѓународна мрежа што ги обединува најреномираните фестивали на планински филм во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни