Интервју со Јован Божиноски, претседател на П.К. „Љуботен“

100 години Планинарски клуб „Љуботен“

Ова е редок настан кој се случува во Македонија, значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и Македонија. На 23 март 1925 година, одредена група на луѓе од Тетово, на чело со шум.инж. Орестије Крстиќ, го формираат овој клуб, или тогаш „Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Во првите децении активностите на клубот биле скромни и да кажам ограничени на одредени делови на Шар Планина. Планинарството било премногу популаризирано и во педесеттите години клубот броел дури 950 членови.

Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово e срце што чука еден цел век, испреплетен со приказни за храброст, упорност и нераскинлива врска со Шара. Основан во далечната 1925 година од група визионери, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, „Љуботен“ стана симбол на планинарството во Македонија и пошироко.

Јован Божиноски, претседател на ПК „Љуботен“

„Низ годините клубот броел и по 950 членови, ентузијасти кои ја живееле љубовта кон планината,“ вели Јован Божиноски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“, кој ни ја раскажа вековната приказна на клубот.

Но, приказната за „Љуботен“ не е само за бројки, туку за духот што никогаш не згаснува. Ниту во најтешките времиња – војни, кризи, финансиски предизвици – клубот не ја изгубил својата цел. Ги градеше и одржуваше планинарските домови, трасираше патеки, создаваше генерации што го пренесуваа знаењето за планинарењето.

ПК Љуботен, 1933

„Нашите успеси не се само во искачените врвови, туку во луѓето кои ја носат љубовта кон планината во срцето,“ вели Јован. „Искачувањето на Љуботен стана традиција што ја продолжуваме веќе 43 години, со стотици учесници од Балканот и Европа.“

Денес, клубот брои околу 120 активни членови – млади и ветерани, рекреативци и алпинисти, сите со истата страст. Организира тури, едукативни програми, работи на мапирање на патеки и зачувување на природата. А, пред нив е ново поглавје – вториот век на „Љуботен“.

„Кога ќе застанете на врвот и ќе ја почувствувате тишината на планината, сфаќате зошто ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае 100 години.“

Трн: Сто години постоење се голем јубилеј. Како изгледаше клубот во првите децении од неговото основање, а како денес?

Јован: Ова е редок настан кој се случува во Македонија, значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и Македонија. На 23 март 1925 година, одредена група на луѓе од Тетово, на чело со шум.инж. Орестије Крстиќ, го формираат овој клуб, или тогаш „Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Во првите децении активностите на клубот биле скромни и да кажам ограничени на одредени делови на Шар Планина. Но ако го земеме фактот дека на 6 години (1931) и 9 години (1934) по формирањето на клубот се градат првите планинарски домови во Македонија, на Љуботен и на Попова Шапка, ќе сфатиме дека свесноста за развој на планинарството како спортско-рекративна и туристичка дејност, на тогашните членови била на многу виско ниво. За да ја разбереме активноста на клубот низ овој долг временски период, треба да ги имаме предвид и општествено политичките случувања кои се сучувале во регионов, посебно во првите педесет години од постоењето. Денес клубот е на едно друго ниво кое низ генерациите се обликувало и ги пратело сите случувања, но со една цел, мисија и визија, а сепак да сме верни на традицијата и со почит да гледаме на сите оние кои помијнале низ овој клуб.  

Лешница, 1954

Трн: Кои биле најголемите предизвици со кои се соочил клубот низ историјата?

Јован: Во изминативе сто години, сигурно имало доста предизвици кои биле од  различен каратер, но сепак би ги одвоиле предизвиците поврзани со градбата на објектите на Шар Планина, функционирањето на истите, а подоцна во еден период и нивно одземање. Потоа еден предизвик била Втората светска војна, последиците од истата во повоениот период, а тука би ја додал и 2001 година. Предизвиците од типот на организирање на настани со голема масовоност. Периоди на не актиност, целосни финансиски кризи, несакани случувања на планина со губење на животи на членови на клубот и многу други. Од сето ова погоре наведено, треба да учиме, како да се справуваме. Треба да ја познаваме историјата за да не научи како понатаму, а не да се враќаме наназад. Секако вакви случувања, пребродувања, успони и падови се нормални во една органзиација, па и во еден процес, но најважно е да се изнајде начин како понатаму до целта.

Килиманџаро, 1988 година

Трн: Како ПК „Љуботен“ придонесува за развојот на планинарството во Македонија? Колку ваши членови подоцна станале професионални алпинисти или водичи?

Јован: Со самото организирање на тури кои се одвиваат според правилникот за организација на планинарски активности кои се согласно Статутот на ФПСМ, доволно ПК Љуботен придонесува, со самото тоа што работиме да има ред (не мислам на колон) кога се движиме на планина. Во изминативе неколку години доста се случува на планина да гледаме луѓе кои се движат, а притоа не ги запазуваат правилата за движење на планина, што може да доведе до несакани последици. Мислам дека ова е важен сегмент и во понатамошен развој на планинарството во Македонија. Секако дека придонесот го гледаме и во се она што сме работеле на Шар Планина, Реновирање и функционирање на планинарски домови, одрување на планинско рекративни патеки, изработка на мапи, мобилини апликации и сл.

Можеме да се пофалиме дека сме едни од ретките клубови во Македонија кои во периодот на деведестите имаше алпинистичка секција. Многу наши членови поминаа низ дел од обуките за алпинисти, а од нив би  го истакнал нашиот член Надир Муресли. Исто така клубот во моментов брои осум Професионални водичи на планина кои се обучени по IML (international mountain leader) стандардот.

Обуки за млади

Трн: Тетовци се познати по љубовта кон планината, но дали денешните генерации имаат ист ентузијазам како порано? Што правите за да привлечете млади членови?

Јован: Кога збориме за Тетовци, да, имам голем ентузијазам и љубов кон планината. Тоа може да го видиме преку тоа што во Тетово освен ПК Љуботен, постојат уште 4 планинарски клуба (ПК „Тетекс“; ПК „Јелак“; ПК „Тетова“ и ПК „Аргентус Моунт“).  Како клуб, една од целите ни е привлекување на млади лица. Во текот на годината организираме неколку предавања во дел од училиштата во Тетово, потоа организираме неколку тури прилагодливи за млади лица, кампувања, средби и обуки за запознавање со основите на планинарсвото.

Трн: Колку членови брои клубот денес и како изгледа профилот на еден типичен член? Дали има повеќе искусни планинари или ентузијасти кои штотуку почнуваат?

Јован: Изминативе години, бројот на членови на клубот е околу 120 лица. Профилите на членовите е различен и тоа е тоа што го прави овој па и секој друг клуб. Тоа се лица кои имаат свои професии, обврски, семејства, табиети, но сите заедно имаат една иста цел, да се на планина, да допринесат за клубот, да се дружат, да учествуваат на други настани, да ја зачуваат животната средина, а со тоа да ја продолжат долгогодишната традиција на клубот и да остават позитивен траг за следните генерации.

На искусните планинари потребен им е ентизијазам дека можеби со годините на искуство и да го заборават тоа, а на ентизујастите потребно им е искуство за да достигнат до она што го сакаат. Различноста на генерации, на искуства, на ентузијазам го прават овој клуб да етаблиран на она ниво кое и денес е.   

Традиционално искачување на Титов Врв

Трн: Традиционалното искачување на Љуботен – кога започна оваа практика и што ја прави толку посебна?

Јован: Уште во 1957 година, кога официјално е отворена Кулата на Титов Врв, за „Денот на Младоста“- 25 мај, клубот организирал искачување на овој врв. Во 1980 година кога тогашниот претседател на СФРЈ умира, клубот, на крајот на мај, започнува да го организира искачувањето како меморијално кое на почетокот на деведесетите, преминува во традиционално искачување. Годинава ќе биде организирано 43то традиционално искачување. Кога се организира овој настан планинари, љубители на планината, туристи, посетители од сите балкански земји, па и дел од европските земји, учествуваат на ова искачување. Нивната цел е да се искачи врвот, но исто така да се запознаат,  да споделат мислења, да другаруваат, да се сите на исто место без разлика на националната или политичката припадност.  Поради сето ова е посебноста на овој настан. Истиот, сам по себе, прерасна во бренд.

Трн: Кој е најголемиот успех што клубот го има постигнато во своето постоење? Постои ли момент или експедиција што ја сметате за најзначајна?

Јован: Успехот би го поделил на неколку сегменти кои се однесуваат на: организирање на планинарски настани / тури на Шара и надвор од неа, на изградба и одржување на планинарски домови, активности / проекти кои се однесуваат заштита на животната средина и активности и проекти со кои се врши промоција на природните убавини на Шар Планина. Низ периодот од постоењето на клубот, имало доста успеси во сите од овие сегменти. Во последниот период го како успех би го одвоил целосното реновирање и реконструирање на Планинарскиод Дом Љуботен и негово повторно ставање во функција како планинарски дом.  Од експедициите би ја одвоил онаа на Килманџаро организирана во 1998 година и експедицијата за искачување на Триглав- Словенија и Глозглокнер во Австрија на дваесет членови на клубот во 2019 година.

Глозглокнер, 2019 година

Трн: Дали некој од вашите членови има освоено некој од врвовите надвор од Македонија, како Алпите, Хималаите или други познати масиви?

Јован: Дел од членовите имаат искачено повеќе врвови на повисоките планини. Како што веќе го споменав нашиот член Надир Мурсели, кој ги има искачено повеќето врвови на Алпите. На листата на планините се, и уште многу други, меѓу кои и Андите и Хималаите.

Трн: Има ли „златна генерација“ на ПК „Љуботен“, група планинари кои оставиле најголем печат во историјата на клубот?

Јован: Има, но би ги поделил во четири периоди.

Во периодот од формирање на клубот до Втората светска војна е една генерација на луѓе кои започнале со идејата на организирано движење на планина и со желбата за истражување. Тие таа идеја ја реализирале и гледали дури подалку и од нас, оваа генерација сега. Тоа е генерација кои се пионери кои ги поставуваат темелите на клубот преку мисијата и визијата кои ја имале. Од тогаш започнува и развојот на планинскиот туризам кај нас.

Вториот период е периодот од крајот на втората светска војна се до средина на седумдесетите години. Оваа генерација се одликува со огромниот ентузијазам и елан кој ги имале. Ја продолжиле идејата на претходната генерација. Планинарството било премногу популаризирано и во педесеттите години клубот броел дури 950 членови. Масовноста на настаните била одлика на клубот во тој период. Доста значаен сегмент од овој период е што таа генерација ги изградила три планинарски дома и пет прифатни куќи на Шар Планина, истите ги одржувала и функционирале се до средината на шеесетите.

Јелак, работа со млади членови

Третиот период се карактеризира со „отвореноста“ на клубот. Тоа е периодот на осумдесетите и деведесеттите години. Искачувањата на планините надвор од Македонија, на Балканот и пошироко, па се до Алпите. Оваа е генерација која го прави збратимувањето со неколку планинарски друштва од регионот кое и до денес постои. Оваа генерација е значајна затоа што пребродува и голема криза во функционирањето на клубот, но сепак без прекин на активностите, ја продолжиле идејата на оние кои пред нив се започнале.

Четвртиот период е на оваа генерација која денес е активна во рамките на клубот. Ова генерација која изминативе десет години активно работеше, и уште работи на проекти кои се насочени кон зачувување на природата на Шара, развој на планинскиот туризам и промоција на Шара. Оваа млада генерација доста напорно работеше на реновирањето на најстариот дом во Македонија, Љуботен и постојано се труди да е во чекор со новитетите кои се случуваат, а притоа да ги почитува вредностите и зачува традицијата на овој клуб. Оваа генерација има чест, да е сведок на прославата на сто годишнината на клубот!

Така да „Златната генерација“ на ПК „Љуботен“ се сите негови членови, од постоењето до денес.

Шар Планина

Трн: Што те натера да станеш планинар?

Јован: Кулата на Титов Врв

Јас уште од основно училиште, во кое секретар беше еден од сега највозрасните членови на клубот, со него одев на Шара. Во средното училиште, исто така клубот имаше своја секција. Но искрено кога на фотографија видов дека на височина од 2747 метри има изградено камена кула, тоа сакав да го видам во живо. И така од 1995 година, станав член на ПК Љуботен, а кулата во живо ја видов следната година. Од тогаш па до ден денес, кога се движам по летната патека кон Титов Врв, кога се заобиколува врвот  Бакардан, пред самиот крај на вртењето, прво се појавува врвот Мал Турчин, а потоа Титов Врв. Незнам колку пати сум бил, но знам дека на секое мое одење, на тоа место за момент ми се одзема здивот и добивам секогаш повеќе и повеќе енергија.

Трн: Како изгледа еден ден во животот на претседател на планинарски клуб? Колку време воопшто останува за планинарење кога си административно задолжен за клубот?

Јован: Бидејќи и по професија сум туризмолог и професионален водич на планина, мојот живот всушност е планината. Јас и кога сум во канцеларијата на клубот, јас сум на планина. Половина од деновите во годината ги поминувам на планина. Дали се тоа планинарски тури, дали работно кога се работи на одредени проекти, или пак кога сум ангажиран во планинарскиот дом на Љуботен, јас живеам со клубот и планината. Како што му кажала ќерката на мојот пријател Бране, „Тато, Јован што работи на Шар Планина?“. 

Поглед кон Лешница

Трн: Како гледаш на иднината на ПК „Љуботен“? Дали клубот ќе опстои уште 100 години?

Јован: Општествените услови во кои живееме, социјалните случувања политиката, обврските и можностите си го прават своето. Прилагодувањето на новите состојби е потребно, но тоа незначи дека треба да го заборавиме минатото. Навлегуваме во време на професионализација на работите што е меч со две оштрици за едно здружение. Тоа треба паметно да се дефинира, и денес ги поставуваме работите да се движат во тој правец. Тоа е непоходно да се преброди периодот кој следи. Поради се она што погоре го наведов, волонтеризмот се помалку ќе биде застапаен. И затоа е потребен професионализмот кој ќе го одржи клубот во следниот период. Во светот тоа се вика социјално претприемништво. Знам дека во блиска иднина ќе се случат промени и волонтеризмот ќе биде многу повеќе ценет, но до тој период мора да се изнајде начин како клубот стабилно да функционира.  Иднината на клубот е во рацете на следните генерации, а тие ќе работат на осовата која ние им ја оставаме, а која е поставена од генерациите пред нас. И да, ќе опстои уште 100 години!  

Трн: Модерната технологија во планинарењето – GPS-уреди, паметни апликации, електронски мапи? Дали планинарењето ја губи својата автентичност или ова е само ново време со нови алатки?

Јован: Времето си го носи своето, и тоа треба потполно да се искористи на паметен начин. Ние како клуб во 2014 година ја изработивме првата мобилна апликација за Шар Планина „Exploring Shar Mountain“. Тоа беше и прва мобилна апликација воопшто од таков тип кај нас. До денес оваа апликација е „ON“, сега е во фаза на надградување и истата од април 2025 ќе е во функција.

Секој кој што е член во планинарски клуб, кој има свои програми за едукација, при учење на основите на планинарењето ја добива базата на се што значи планината, а сепак тоа не се дигитално алатки. Така да кобинацијата на основите (картографии, мапи, движење во колона, ред и почитување на планината) со алатките на новото време, може само да донесе нешто подобро. Ова ќе е посебно значајно кога ќе се користи за подобрување на безбедноста на планините.

Обука на професионални водачи на планина

Трн: Кој е советот за некој што сака да стане дел од ПК „Љуботен“? Дали секој може да биде планинар или треба нешто повеќе од обична љубов кон природата?

Јован: Мојот совет до секој што сака да се движи на планина, е да се зачлени во било кој планинарски клуб. Затоа што во планинарските клубови се добиваат основите за движењето на планина и почитувањето на истата. Во изминатиов период гледаме доста индивидуалци кои сами се движат на планина, што не е за осудување, но долгорочно тоа може да резултура со несакани последици. Затоа кој сака да се движи на планина, нека биде член на планинарски клуб, не Љуботен, на било кој клуб.  Луѓево во изминатиов период бегаат од организирани настани, клубови и сл, затоа што такви клубск организации има одреден ред на функционирање, што за жал некои луѓе го сметаат како некој да покажува афторитети или мора да се игра по нивни правила. Не е така, правилата се, пред се за безбедност на секој поединец во групата. Веќе сме навлезени во период каде што преку интернетот можеме да добиеме премногу информации, кои ако не се искористат добро, може негативно да влијаат на секој поединец.

Секој кој што сака, кој има љубов кон планината, љубов кон физичката активност може да биде планинар. Сепак како и во секоја работа и тука треба да се учат работи, да се подобруваат, да се тренира и да се надоградува. Движењето на планина е активен одмор кој е потребен на секој поединец!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни