Подгответе се за искрено и инспиративно интервју со основачот на МАРХ!
„МАРХ е приказна која трае 10 години веќе. Започна како еден крик студентски отпор бидејќи припаѓам на една генерација која во студентските денови даваше отпор на случувањата со центарот на град Скопје, кој потоа се трансформираше во некакво индивидуално делување. Кон 2014 година, кога се помирив со фактот дека како општество не успеваме да делуваме зрело, се посветив на подолгорочна едукација на пошироката јавност. Секако, Скопје 2014 и Скопје 2024 се поклопуваат, 10 години потоа“, вели Конески, додавајќи дека борбата против проектот „Скопје 2014“ создаде атмосфера која ја наметна потребата за ваква платформа, која служи како простор за архивирање на податоци и себеедукација.
„Македонската архитектура е зависна од општеството многу повеќе отколку од зрелоста на архитектите“, продолжува Конески. „Општеството влијае преку политички дејства, економски прилики и образованието на оние кои поседуваат финансиска моќ – инвеститорите.“
Конески ја потенцира важноста на промените во законодавството, особено во урбанизмот, како предуслов за добрата архитектура. „Мораме да се образоваме за нашето културно наследство и да ја воведеме етиката и моралот во професијата“, истакнува тој.
За омилениот дел од Скопје, Конески истакнува: „Дебар Маало, Градскиот парк, Водно – делови кои се одразуваат на минатото Скопје, брутализмот и старото Скопје“.
Во однос на маалскиот живот, Конески исто така смета дека недостасува, а архитектурата има големо влијание врз тоа. „Некаде постои, но поголемиот дел од населбите се промениле со големи огради кои го скриваат соседството“, објаснува тој, додавајќи дека маалскиот живот е сѐ уште жив, зависно од тоа дали има млади луѓе кои го одржуваат.