Јуре Павловиќ, сценарист и режисер на филмот „Загубениот Тим од соништата“: Емотивниот потенцијал што го препознав ме водеше до крајот на реализација на филмот

Годинашното, јубилејно десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ.

Годинашното, јубилејно десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Се работи за приказната за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше. Во филмот со свое гледиште настапува златната генерација на која и припаѓаа Дивац, Кукоч, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оставри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судар на титаните“

–        Роден сте 1985 година, и малку е веројатно дека се сеќавате на настаните за кои раскажувате во Вашиот нов документарен филм. Тоа не’ носи до прашањето „дали приказната го пронаоѓа авторот, или авторот ја пронаоѓа приказната“?

–        Во мојот случај речиси секогаш испаѓа дека приказната го пронаоѓа авторот, па така беше и овој пат. Првото нешто што ме заинтригира е дека за овој настан кој се случи во 1991 година, во Хрватска (што донекаде и се подразбира) за него многу малку се зборува или се пишува, за разлика од некои други спортски успеси. Потоа наидов на сјаен текст од Борис Дежуловиќ, кој тоа Европско првенство во 1991 година го смести во контекст на политичките случувања во тоа време, и во тој момент за прв пат сфатив дека тоа првенство се одвиваше паралелно со распадот на поранешна Југославија и со почетокот на војната на Балканот. Тоа, и како обичен гледач, но и како режисер, ми беше ужасно интересно, да дознаам како луѓето, во овој случај спортистите, се чувствувале кога се случувале тие историски настани, и како тоа влијаело врз нив.

–        Кој беше клучниот момент кога одлучивте дека оваа приказна е токму таа која сакате да ја снимите? Дали можеби сакате кошарка? Или едноставно, како филмаџија, препознавте приказна со силна порака?

–        Откако приказната на свој начин ме пронајде, одлучив да поканам преку еден свој пријател еден од кошаркарите на кафе. На таа дружба ја сфатив целата драма на таа приказна и нејзиниот емотивен потенцијал, пред се’ низ специфичните перспективи на луѓето кои до тоа првенство беа „деца“, млади луѓе во своите 20-ти години, спортисти кои за ништо друго не требало да размислуваат освен за кошарката, млади луѓе кои воделе безгрижен живот. На тоа првенство тие за прв пат дошле во ситуација да се соочат со политиката и тоа неминовно ги сменило нивните животи, морајќи бргу да пораснат и созреат. Тој емотивен потенцијал што го препознав на првото кафе ме водеше се’ до крајот од процесот на реализација на филмот.

–        По распадот на Југославија, на многумина во филмот и книжевноста главен фокус им беше, и се’ уште е, приказната за таа „утописка“ држава која на крајот, за жал на многумина, не успеа во својата намера. Како дел од новите генерации кои растеа, се оформија и созреаја по нејзиниот распад, дали ви беше полесно да го снимите овој филм, гледајќи на работите од безбедна дистанца?

–        Мислам дека ми беше полесно, бидејќи од сигурна дистанца можев неутрално и реалиситчно да ја раскажам приказната за таа „утописка“ држава, без да имам некој особен емотивен впечаток за неа. Во таа смила, мислам дека филмот е многу врамнотежен при прикажувањето на историските случувања, базирајќи се врз сопствената перспектива на протагонистите во него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни