5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 80 години од неговата кодификација

Јазикот слави 80 години, инспекторатот 15 месеци чека на работа

На петти мај го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, кој годинава добива уште поголема симболика бидејќи се навршуваат 80 години од неговата кодификација. Овој ден е потсетник дека македонскиот јазик, кој денес го земаме здраво за готово, е резултат на долгогодишна борба за идентитет и културна независност. Преку азбуката, правописот и стандардизацијата, македонскиот јазик доби официјален статус – но дали 80 години подоцна ние сме достојни негови чувари? Година и три месеци по донесувањето на законот за македонски јазик, Инспекторатот за македонски јазик останува нефункционален – без систематизација, вработувања и правна рамка за инспекциски надзор.

Повеќе од година и три месеци по донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, најавениот Инспекторат — централното тело за надзор и заштита на јазикот — сè уште не може да ги исполни основните законски обврски. Именувана е директорка, доделени се по 600.000 денари преку ребалансот на буџетот за 2024 и истата сума за 2025 година, но Инспекторатот „тоне во административни процедури“ наместо да ја следи и санкционира злоупотребата на јазикот.

Во самиот закон јасно е наведено дека Инспекторатот треба да биде усогласен со Законот за инспекциски надзор, но ниту тоа усогласување не е направено. Без формално внесување во Законот за инспекциски надзор и без јасна промена на систематизацијата, Инспекторатот нема правен основ ниту инструменти за објава на инспекциски налози, ниту за заемно признавање на прекршочни наредби во централниот и локалните регистри.

Со тоа, телото нема ниту вработени инспектори — иако беа најавени пет стручни лектори задолжени да ја следат употребата на македонскиот јазик во јавната администрација, медиумите, образованието и издаваштвото. Без тие лектори и без јасно дефиниран распоред на работни места, Инспекторатот не може да прими и обработи ниту една претставка од граѓани, ниту да ги провери исполнетите законски норми во документите и актите на државните институции.

Во меѓувреме, најчестите прекршувања на Законот — јазични грешки во внатрешните акти или несоодветна употреба на стандардот — остануваат неказнети. Институциите продолжуваат да ги игнорираат законските обврски за вработување лектори по македонски јазик, додека граѓаните и професионалците остануваат без никаква правна заштита и насока.

Наместо активен надзор и конкретни инспекциски постапки, добивме само голи најави и преоптоварена канцеларија во рамки на Министерството за култура и туризам, чие постоење формално е задоволено, но суштински е нефункционално. Ако институциите навистина сакаат да ја заштитат и унапредат употребата на македонскиот јазик, сега е моментот да се испорачаат законски комплементи, систематизација и средства за работа на Инспекторатот, наместо уште една „празна институција“ на хартија.

Разговаравме со Елена Јованова Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик и Виолета Танчева-Златева, авторка и лекторка – за да разбереме како тие го доживуваат јазикот денес: не како лингвистичка форма, туку како животна и национална вертикала.

Елена Јованова Грујовска

„Македонскиот јазик е наша лична и колективна карта на постоење. Петти мај не е само формален празник, туку ден за самопрепознавање. Јазикот не е даденост, туку резултат на истрајност, љубов и труд. Не смееме да заборавиме дека кодификацијата во 1945 не се случи одеднаш, туку беше кулминација на генерациска борба. Творците како Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божидар Видоески и други вложија огромна интелектуална енергија да го обединат и стандардизираат јазикот што го зборувавме, но никогаш не беше официјално признаен“, вели Јованова Грујовска, потсетувајќи дека кодификацијата не е крај, туку почеток на постојана грижа.

Денес, сепак, таа грижа сè повеќе се префрла од рацете на научниците во рацете на институциите и – уште поважно – во свеста на секој граѓанин.

Виолета Танчева-Златева, која со години работи како лекторка, писателка и промоторка на добриот македонски јазик предупредува дека најголемата опасност за јазикот доаѓа од рамнодушноста. „Можам да наведам многу дефиниции и размисли за јазикот, и пак да останат некажани многу работи. Но едно правило важи секогаш – сè додека не останеш без нешто, не сфаќаш колку ти значи. Така е и со јазикот. Го земаме здраво за готово, како нешто што ќе си стои таму без разлика дали се грижиме за него или не. А токму во тоа е проблемот.“

Таа нагласува дека најраната едукација – во домот, во училиштата, преку медиумите – треба да ги учи децата на значењето на јазикот како нешто што не само што не ни е дадено на вечно користење, туку е и наша одговорност. „Јазикот бара грижа и заштита, денес особено од напливот на странцизми што сè полесно ги прифаќаме, заборавајќи ги македонските зборови. И не, македонскиот јазик не е сиромашен. Ние сме сиромашни со знаења за него и мрзливи да размислуваме за да го најдеме вистинскиот збор. Јас секојдневно се трудам да ја сочувам неговата изворна чистота, да го сочувам од туѓа синтакса, да го почитувам неговиот ритам и логика.“

И покрај долгата борба – 80 години по кодификацијата, јазичните „ветерници“ не стивнуваат. Борбата денес не се води на барикади, туку во канцеларии, училишта, редакции и дигитални платформи. Македонскиот јазик живее – но дали дише слободно? Одговорот не го носи ниту еден закон, ниту еден лектор, ниту една институција. Одговорот е во секојдневните избори на секој од нас – во зборовите што ги користиме, во речениците што ги пишуваме, во мислите што ги мислиме.

Зашто, како што вели Танчева-Златева: „Мене македонскиот јазик ми е и љубов и работна алатка. А за љубовта – мораш да се бориш.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни