Предностите и мааните на раното станување

Раното станување влезе во поговорките, па од мали нозе сме учени дека „кој рано рани, две среќи граби“. Но дали станувањето пред сите, за да „зграбиме две среќи“ навистина нѐ прави продуктивни и фокусирани?

Да, „кој рано рани, две среќи граби“ тврди и Тимоти Ферис, американски претприемач, инвеститор, автор, поткастер и гуру за животен стил.

Да се ​​биде ранобудник е сè попопуларно меѓу богатите и славните.

Сите, од Џенифер Лопез, Џенифер Анистон и Кардашијан до технолошките гиганти, како што се сопственикот на Мета, Марк Цукерберг, извршниот директор на Епл, Тим Кук и основачот на Твитер, Џек Дорси, се членови на клубот ранобудници „5 часот наутро“. Тука се и Ана Винтур и Мишел Обама.

Гвинет Палтроу е долгогодишна членка и споделува објави на Инстаграм како станува во 5 часот наутро. Таа најпрво го гребе јазикот со ајурведско масло (ритуал за орална хигиена) 30 минути, пред да продолжи со 20 минути трансцендентална медитација, по што следува тренинг за танц дизајниран од нејзината пријателка, фитнес гуру Трејси Андерсон.

Културниот феномен на екстремно ранобудници најпрво експлодираше на социјалните мрежи, инспириран од книгата на Робин Шарма, The 5 AM Club и други наслови на социјалните медиуми погодни за хаштаг, како што се Wonder Morning и The Power Hour.

Професорот Расел Фостер, директор на институтот за спиење и циркадија на Универзитетот Оксворд е воздржан за навиките на тие кои го следат 5 AM Club.

„Нема ништо инхерентно важно во станувањето во 5 часот наутро. Бенџамин Френклин е ‘виновникот’ за ова затоа што тврдел: ‘Рано легнување, рано станување го прави човекот здрав, богат и мудар’ – и тоа продолжува оттогаш. Тоа нè враќа на протестантската работна етика – работата е добра, а ако не можеш или не сакаш да работиш, по дефиниција си лош. Недостатокот на сон го прави човекот достоен и продуктивен“, фели професорот Фостер.

Има многу истражувања кои покажуваат дека раното станувањето може да нѐ направи посреќни, па дури и да почнеме да се храниме поздраво. Сепак, проф. Фостер укажува на голема замка.

„За да спиете доволно, треба да си легнете во 9 часот навечер. За жал, повеќето од нас не сме во можност да го направиме тоа затоа што имаме многу работи, без разлика дали се работи за помагање на децата во нивните домашни задачи или домашни работи и обврски. Значи, опасноста е што всушност не легнуваме кога треба, а другата причина е што и соседите ќе продолжат да креваат врева, па како ќе заспиеш?“

Професорот исто така истакнува дека најентузијастичките експоненти на овие режими се луѓето кои можат да си дозволат асистенти во сите аспекти на животот.

„Овие гуруа за продуктивност и претприемачи имаат пари да им платат на луѓето да направат сè друго за нив. Наметнувањето на овој распоред на другите луѓе не само што е сурово, туку е и арогантно: „О, нели јас сум голема личност; зошто не станеш како мене?’ Вистината е дека повеќето од нас не можат да си го дозволат тоа“, вели тој.

Фото: Early wake up, not getting enough sleep, getting work concept. waking up with headache” von Marco Verch via ccnull.de, CC-BY 2.0

Психотерапевтката Хедер Дарвил Смит исто така не е сигурна во придобивките што ги промовира „Клубот 5 наутро“.

„Секој од нас има хронотип кој го одредува нашиот телесен часовник. Сите знаат дека има луѓе кои се ранобудници и други кои се ноќни птици“, забележува таа. „Но, всушност, повеќето луѓе се некаде помеѓу. Значи, има луѓе кои можат да си легнат во 22 часот и природно да се разбудат во 5 часот наутро, а тоа е рутина што одговара на нивниот хронотип. Но, многумина од нас не се такви. И да не заборавиме, има многу луѓе на кои будењето во 5 часот наутро им е наметнато од нивните работни смени“.

Колумнистката на Гардијан разговарала со некои ранобудници, кои не се дел од светот на познатите и богатите.

Терапевтката Џени Вилсон секое утро станува во 4:55 часот и додека членовите на нејзиното семејство спијат, таа брзо се тушира ​​и се повлекува во слободна соба за да го започне денот.

„Го нарекувам мој магичен час, затоа што додека го имам ова време за себе, остатокот од денот ми е волшебен“. Нејзиниот утрински ритуал е секогаш ист – 30 минути јога проследено со 20 минути медитација, која завршува со гласно кажување на обврските за тој ден.

„Потоа, подготвена сум да им подготвам појадок на моите деца и да продолжам со мојот живот. Тоа значи дека го започнувам денот со чувство на постигнување, дека веќе сум направила неверојатни работи пред некој друг да стане“.

Социјалната работничка Квин Нгујен-Данг ја следи рутината во раните утрински часови веќе неколку месеци, уште откако ја прочитала книгата „Клуб 5 наутро“. Секое утро, таа го поставува својот паметен часовник да вибрира во 4:30 часот наутро, а потоа повторно во 5 часот, ја облекува својата опрема за вежбање, седнува во автомобилот и вози до локалната теретана за да одработи 30 минути кардио.

„Тоа е прекрасно возење, толку мирно. Едно утро застанав да им се восхитувам на розовите облаци. Додека шетам на лента за трчање во теретана, испраќам е-пошта и ги ажурирам социјалните мрежи. Денот е краток и ова е одличен начин да бидете попродуктивни. Ние сме како тајно друштво. Секое утро ја гледам истата група жени. После тренинг сите се редиме пред огледало, ја средуваме косата и се подготвуваме за работа“.

Сепак, усвојувањето на овој спартански режим има своја цена. „Во 21 часот повеќе не можам да функционирам“, признава таа. „Секогаш ми е жал кога ги одбивам пријателите да се сретнеме после работа, но за викендите останувам будна малку подоцна.“

Сепак, се чини дека клучот е како го поминуваме времето, особено наутро. Не е пресудно кога станавме – туку како го искористивме драгоценото време што го имаме.

Извор: Н1

Најново

Последни колумни