Со месеци се шпекулираше дека ќе заврши во Реал Мадрид, но шпанскиот репрезентативец Мартин Зубименди на крајот се одлучи за трансфер во Арсенал. Реномираниот новинар Фабрицио Романо ја потврди веста со својот препознатлив потпис „Here we go“, што означува дека договорот е финализиран.
Зубименди, 26-годишен играч од средниот ред на Реал Сосиедад, пристигнува во Лондон за сума од 60 милиони евра, колку што изнесуваше неговата откупна клаузула. Играчот веќе дал усна согласност на условите, а официјалната објава на долгорочниот договор се очекува наскоро.
Арсенал го продолжува шпанскиот тренд
Овој трансфер е втор по ред во кој Арсенал носи играч од Реал Сосиедад. Минатото лето, 28-годишниот Микел Мерино исто така се пресели во Лондон, за вкупна сума која може да достигне 37.5 милиони евра со бонуси. Мерино се покажа како разновиден играч, користен и во средниот ред и во нападот поради повреди на клучни играчи.
Со ангажманот на Зубименди, Арсенал добива дополнителна сила и стабилност во средината на теренот, што беше проблематична зона во текот на оваа сезона.
Од „ла Реал“ до Топџиите
Зубименди е играч на Реал Сосиедад – прошол низ сите младински категории и целата професионална кариера ја помина во клубот од Сан Себастијан. За сениорската репрезентација на Шпанија настапил 15 пати и има еден постигнат гол.
Овој трансфер потврдува дека стратегијата на Арсенал е да вложува во квалитетни и веќе формирани играчи од Ла Лига, особено од Сосиедад, со цел да создаде конкурентна и технички моќна средина.