Зошто сме опседнати со серии од 2000-тите?

Минатата година светот главно гледаше серии од раните 2000-ти, наместо да се фокусира и да се вљуби во новите наслови. Според податоците на аналитичката компанија Digital i, најгледаната серија во втората половина од 2024 година била Grey’s Anatomy, со повеќе од една милијарда часови гледање во шест месеци.

Американските серии доминираа на топ-листите. Покрај Grey’s Anatomy, меѓу најгледаните беа и Prison Break, Lost, The Big Bang Theory и Dexter. Во Европа ситуацијата беше слична – Grey’s Anatomy повторно беше на врвот, следена од The Big Bang Theory. На третото место се најде британската серија Bridgerton, додека меѓу петте најгледани беа уште и The Simpsons и Criminal Minds.

Зошто избираме стари серии?

Иако овие серии покриваат различни жанрови – од медицинска драма (Grey’s Anatomy), преку епска мистерија (Lost), до хумористична анимација (The Simpsons) – сите имаат една заедничка карактеристика: емитуваат се со години.


Повеќето од овие наслови првпат се појавиле во раните 2000-ти, а просечната година на прво емитување за топ 10 најгледани серии е 2005, пишува Euronews. Податоците јасно покажуваат дека публиката ширум светот претпочита содржини со кои пораснала, наместо нови продукции. Во исто време, платформите како Apple TV+, Netflix, Disney+ и Amazon вложуваат милијарди во нови серии и филмови.

Ако гледачите повеќе сакаат познати серии, дали овие огромни трошоци за нови продукции се навистина оправдани?

Телевизија во позадина – феноменот „ambient TV“

Овој тренд не е нов. Уште во 2020 година се појави терминот „ambient TV“, кој ги опишува сериите што служат повеќе како позадинска бучава, отколку како содржина што се следи со целосно внимание. Критичарот Кајл Чејка (Kyle Chayka) ја нарече Emily in Paris „совршен пример“ – серија што можеш да ја гледаш додека го листаш телефонот, исто како што тоа го прави и главниот лик.

Истражувањата покажуваат дека 72% од Британците користат телефон додека гледаат ТВ, во просек земајќи го во раце осум пати во рок од половина час. Ова објаснува зошто публиката избира серии што не бараат целосна посветеност.

Комплексни драми како Severance или The White Lotus можеби имаат врвни приказни и одлична продукција, но за многумина тие едноставно се препремногу напорни за следење.

Иднината на телевизијата – носталгија или иновација?

И покрај доминацијата на старите серии, секоја година се појавуваат нови квалитетни наслови. Adolescence е хит во 2024 година, исто како што пред тоа беа Baby Reindeer и Succession.

Но, бројот на нови оригинални серии опаѓа – во 2023 година, во Америка е забележан пад од 14% во бројот на нови сценарија. Ако овој тренд продолжи, можеби еден ден ќе се разбудиме и ќе сфатиме дека имаме само носталгични репризи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни