Зошто Саемот на книга е вистинското место за душата?

Во време на брза комуникација, постојано испраќање на кратки пораки, содржини и информации што се менуваат со огромна брзина, потребата за вистинска духовна храна никогаш не била поголема.

Саемот на книга, оваа година, ќе се одржи од 8 до 14 мај во арената „Борис Трајковски“ и токму едно вакво искуство ќе ги спои вљубениците на книгата со издавачите. Книгите не се само испечатени букви, туку тоа се носители на емоции, инспирација и го збогатуваат светот на читателите со зборови кои суштински нè градат. Место каде што може да се разговара за литература, да се испие кафе, да се побара совет кој жанр да се купи, а е најсоодветен за читање во тој момент или воопшто. Саемот е место за длабоки разговори за тоа што да се прочита од веќе постоечките наслови, кои се највредните дела да се купат за домашната библиотека.

Оваа година Саемот на книга е повеќе од хоби, тоа е ритуал на себеоткривање, на комуникација со најдлабоките делови на нашето битие. Приказните секогаш поврзуваат луѓе со иста енергија, еуфорија и желба за повеќе страници. Токму тоа е убавината на места што зрачат со иста енергија и каде многу нешта си доаѓаат на свое место токму заради взаемната љубов.

Жарко Кујунџиски од Антолог смета дека “Саемот на книга секоја година претставува исклучителна можност за блиска средба меѓу издавачите, авторите и читателите. Тоа е простор каде што книгите ја добиваат својата вистинска вредност – преку разговори, препораки, интеракција и заедничко уживање во литературата. Оваа година Aнтолог со особена радост ќе ги претстави новите изданија, продолжувајќи ја иницијативата Саемот да добие интернационална димензија и своевиден ексклузивитет. Со големиот број изданија и настани се надеваме оваа манифестација ќе остане омилениот годишен настан на сите што ја делат љубовта кон книгата”.

Она што го прави Саемот посебен не е само можноста да се купат нови книги, туку шансата луѓето да се најдат едни со други, да се препознаат во истите вкусови, во истата страст кон пишаниот збор. Читателите кои само виртуелно споделувале препораки сега ќе имаат можност да се сретнат во живо, да разменат искуства и да изградат вистински врски преку разговорите што започнуваат со една заедничка љубов, а тоа е поривот да се читаат книги.

На штандовите, во разговорите со авторите, додека се прелистуваат новите наслови или се бараат ретки изданија, се раѓаат спонтани пријателства. Некои ќе пронајдат читателско другарче, некои можеби и сродна душа, бидејќи таму каде што постојат заеднички зборови, постојат и заеднички светови. Саемот е место каде што се создаваат мостови меѓу луѓето токму низ страниците што се држат во раце

И додека улиците надвор се раздвижени а луѓето брзаат  во арената „Борис Трајковски“ темпото ќе биде поинакво: побогато со емоции, со смеа, со возбудени разговори што не завршуваат на излезот. Оние што ќе дојдат сами, ќе си заминат со некоја препорака, со нова книга. Саемот на книга не е само настан, тој е место каде што луѓето се пронаоѓаат во книгите, но и едни во други.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни