Kако млад човек кој се вклучува на културната сцена, ја забележувам и самата потребата да го размрдаме просторот во кој уметноста постои кај нас, да се раздвижат и активираат сите нејзини ресурси во контекст на современите прашања кои ги засегаат уметниците, но, и нивната улога која е важна како никогаш досега.

Оттаму, следејќи ја сцената севкупно, не може да не се истакне дека нам суштински ни се потребни акции, награди, различен тип на активности и делувања кои одат во насока на градење на подобрите светови и заедници кои ги замислуваме преку културата. Културата навистина станува еден од последните механизми на нашиот отпор како луѓе против сета неправедност и бесмисленост која се случува во светот.
Еден од тие примери е континуираното доделување на наградата ДЕНЕС која се истакнува токму по негување на тој критички и слободен дух како нужен за она што го нарекуваме сцената кај нас, што сакав да го споменам затоа што е важно да сме свесни за она што го имаме и можеме да го земеме како пример. Понекогаш е многу лесно да се фати бранот на обесхрабреноста и да се постои со него, но одбирам да му се инаетам и да ги забележувам важните нешта во оваа смисла, за да не потонам, за да можам да се борам.
Бидејќи наградата се доделува по деветнаесетти пат, она што се јавува како впечаток не е само воспоставениот континуитет, туку, прогресивните вредности кои оваа награда ги предводи, свеж ветер, освежување на нашата сцена, борба против хетеронормативноста, заложби за заедништвото и контекст кон покажува дека уметничкиот простор тука и тоа како може да биде простор за ангажирано поле, кое се движи измеѓу естетското, општествените динамики и заедничкото. Тоа, кое се гради преку изложба која ја формираат сите тројца финалисти во својот контекст и процес на работа, како целина, поради овие вредности што ги претставува, за мене е она што ни е потребно. Затоа и ДЕНЕС како награда особено ја гледам како простор за слободоумност и отвореност, критичност и поттик, бидејќи е колективен труд, кој од поединечното создава нешто заедничко кое испраќа порака, кое не е тивко, не е безгласно.
Охрабрува и вдахнува фактот дека кај нас, сепак постојат динамики кои ја уважуваат уметноста во нејзината целовитост и овозможуваат таа да се развива и шири низ мноштвото нејзини значења, согледби и толкувања. Тоа го наметнува прашањето за новите начини на кои ќе се развива и следи креативниот простор овде, но и нашата потреба, да ги задржуваме оние кои се градени со континуитет и посветеност како ДЕНЕС.
Како млад човек, кој иако доаѓа од полето на книжевноста, не можам да не забележам колку ова ни е потребно во сите сфери, и самата се држам до тие мали знаци на надеж, пишувам и размислувам за нив. Сакам и важно ми е да ги гледам и да ги забележувам. На секое ниво во секторот култура, само со препознавање на ваквите формати кои даваат шанса и можност да се излегува од рамките, да се создава и расте преку политиките на еднаквост, ангажираност и слобода, ние растеме како заедница. Токму тие се оние кои отсега натаму ќе ни бидат најмногу потребни, без разлика дали следиме книжевност, театар, визуелни уметности и друго.
Сакам да мислам дека можеме да учествуваме, да ги поддржуваме и толкуваме аргументирани сите овие процеси преку кои си ја поддржуваме сцената, а ние како најмлади на неа, да учиме од тоа што е воспоставено или не, и да се обидеме да работиме кон нејзино трансформативно оснажнување.
За мене, ДЕНЕС е дел од овој обид кој го почитувам и ценам, не само поради истрајноста, туку поради заложбите за бесконечно промислување на уметноста преку критика, преку став, преку ангажман за човековите права, преку свесност и сојузништво, солидарност и јасни позиции во поглед на човечноста.
Преку неа се потсетувам дека сепак, постои уметност кај нас која не молчи и борбата за неа е токму преку ваквите иницијативи.
Фотографија: Небојша Гелевски – Бане, преземена од страницата на ДЕНЕС на социјалните мрежи
Автор: Ивана Јовановска