Search

Зошто ги игнорираме црвените знаменца кај партнерите?

Црвени знаменца (red flags) е модерниот израз за да ги објасните мааните и недостатоците на вашиот партнер/партнерка. Меѓутоа интензитетот на црвената боја на тоа знаменце варира од тоа дали таа маана е нешто кое може да се корегира па се до токсично однесување за кое апсолутно не смеете и не треба да покажете толеранција. Она што јас лично го научив е дека колку и да одрекуваме, ние апсолутно од сам старт кога ќе запознаеме одредена личност со која постои хемија и потенцијал за нешто романтично, ние и те како сме свесни кои се тие црвени знаменца на таа личност. Тогаш прашањето е зошто упорно ги игнорираме?

Заглавени некаде помеѓу идеализирањето на партнерот и различните нијаниси на црвено, секој од нас сретнал личност која е опседната со работата и нема време за вас, личност која упорно чува тајни, некој кој поминува повеќе време на телефонот отколку во разговор со вас, партнер/партнерка кои сметаат дека флертувањето и пишувањето со други на социјални мрежи е безопасно, луѓе кои не сакаат да се обврзат, а вие верувате дека еден ден тоа ќе се смени и така натаму. Реално, постојат илјада и едно црвено знаменце и упорно ми се чини дека најголемиот дел веруваме дека бојата од црвено магично преку ноќ ќе се промени во зелена. Но во реалност за жал не е така, па од таму и често знам да кажам, не е крив другиот, сами го правиме изборот.

Секој од нас има свој барометар кој ја дефинира добрата врска наспроти лошата, но дали јасно ги поставуваме тие граници кои ќе ни помогнат да направиме добра одлука? Вистината е дека колку и јасно да ги поставиме во теорија, кога е во пракса некако се оди низ прозор. Така заглавуваме во дисфункционални врски каде упорно се наоѓаат изговори да се оправда однесувањето на другата страна за кое и сами сме свесни дека не ни се допаѓа, не е добро и ни создава немир и нервоза. Психолозите велат дека се додека личноста не научи да се сака и почитува себеси, тие ќе бидат спремни да ги спуштаат своите критериуми и да останат слепи на сите црвени знаменца кои ги покажува партнерот. Значи на крај пак доаѓаме на истото, љубов и почит кон самите себе.

Но ако на ова додадеме дека поголемиот дел се генерации чии родители верувале дека нема што многу да се бира и прибира и дека наведнатата глава сабја не ја сече, не ме изненадува што огромен дел се борат со недостаток на самодверба и љубов за себеси. Уште и ако отидеш на психолог за да поразговараш за ова, шансите се големи дека околината ќе те направи нетокму. Тажно и поразително. И не е само постарите генерации кои израснаа во едно поинакво време, младите со замавот кој го зема интернетот и сите филтри кои покажуваат блескава свилена кожа или луксузен и лесен живот и те како земаат цена врз самодовербата и љубовта за себеси. Така не е ни чудо што голем дел без разлика на генерацијата завршуваат со луѓе кои немаат да им понудат ништо од тоа што го заслужуваат и остануваат слепи на сите црвени знамиња околу нив.

Ако ме прашате мене, црвеното е јасно дека нема да стане зелено. И да, постојат компромиси и дефиниивно со работа на себеси луѓето можат да се променат (бар еден дел). Но неминовно е дека не можете да очекувате да изградите здрав одност со некој друг, доколку истиот прво го немате со себеси. До следно читање, нека има повеќе зелени знаменца.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни