Скандал во Германија: Зоолошка градина усмрти 12 здрави павијани

Зоолошката градина „Тиргартен Нирнберг“ од Германија предизвика бран реакции откако објави дека усмртила 12 здрави павијани поради – како што наведуваат – „недостаток на простор за растечката популација“.

Иако активистите за заштита на животните веќе со месеци протестираат против оваа одлука, управата на зоолошката градина останала при ставот дека нема друг излез. Официјално, веста за еутаназијата беше потврдена вчера, откако вратите на зоолошката беа затворени за посетители „од оперативни причини“.

Пренаселеност и недостаток на алтернативи

Павијаните кои биле усмртени се дел од видот гвинејски павијани, чија популација во оваа зоолошка градина достигнала 43 единки, иако капацитетот на нивната настамба е предвиден за најмногу 25. Според управата, зголемената бројност предизвикала чести конфликти меѓу животните, што, како што велат, било опасно и за нивното здравје и благосостојба.

Од 2011 година, 16 павијани биле префрлени во други зоолошки градини во Париз и Кина, но и тие институции подоцна останале без простор за нови животни. Управата тврди дека немало реална можност за преместување на останатите.

Активистите најавуваат тужба

Организации за заштита на животните најавија поднесување кривична пријава против зоолошката, оценувајќи ја постапката како „неетичка и непотребна“. Според нив, ова е уште еден пример за злоупотреба на животните во систем кој треба да ги штити.

Еутаназијата на животни во европските зоолошки градини не е невообичаена, но некои случаи предизвикуваат силна осуда од јавноста. Најпознат пример е од Копенхаген во 2014 година, кога беше усмртена здрава двегодишна жирафа, а нејзиното тело беше демонстративно распарчено пред посетители, вклучително и деца, и дадено како храна за лавовите.

Случајот од Нирнберг отвора важни прашања за етичките стандарди во зоолошките градини и колку навистина се вложува во пронаоѓање хумани решенија. Јавноста со право бара одговорност, а судбината на животните не смее да зависи исклучиво од логистика и просторни капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни