Туристичко одморалиште во југозападната кинеска провинција Сечуан, познато по своите прекрасни зимски пејсажи, се извини откако посетителите открија дека користеле памук и вода со сапуница за да симулираат снег. Во објава на официјалниот профил на WeChat, директорот на проектот „Снежно село Ченгду“, призна дека поради невообичаено топлото време за време на прославите на Лунарната Нова Година на крајот на јануари, снегот не паднал како што се очекувало.

Кинеската метеоролошка служба веќе предупреди дека земјата се соочува со подолги и поинтензивни топлотни бранови, како и со се понепредвидливи обилни врнежи од дожд, кои се последици од климатските промени.
„За да создадеме снежна атмосфера, купивме памук за да имитираме снег… но ефектот не беше како што сакавме, што остави многу лош впечаток кај туристите“, пишува во соопштението на Chengdu Snow Village.
По многубројните негативни коментари на социјалните мрежи, туристичкиот комплекс почна да го отстранува вештачкиот снег и им понуди враќање на парите на посетителите. Набргу потоа селото било затворено.
Фотографиите објавени на WeChat покажуваат партали од памук расфрлани на земја, додека врвовите на дрвјата остануваат непокриени. Од далечина, куќите изгледаа како да се покриени со дебел слој снег, но кога ќе се доближите, се виде дека е памук.
„Снежно село без снег“, напишал еден корисник. Други предупредија дека во ерата на интернет, туристичките дестинации мора да бидат искрени во рекламирањето. „Залажувачките реклами само ќе имаат контраефект на нив“, заклучил еден корисник.