Серијата изложби е културен проект, поддржан од Министерството за култура и туризам, со мисија да ја промени перцепцијата на општеството за лицата со попреченост, кои од набљудувачи се преобразуваат во иницијатори на општествената интеграција, позитивните промени и високите човекови вредности.
По отворањето во Крушево, во периодот од август до октомври 2025 година, изложбата ќе ги посети и Гевгелија (НУ Музеј, 8 август), Ресен (Дом на култура „Драги Тозија“, 15 август), Велес (Народен Музеј, 24 септември), Крива Паланка (Градски Музеј, 7 октомври), Свети Николе (ОУ Народен Музеј, 15 октомври), Виница (Дом на култура „Тошо Арсов“, 30 октомври), завршувајќи во Делчево (НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, 7 ноември).

Изложбата се состои од 32 портрети на лица со попреченост, секој со уникатни способности, порака и животна мисија. Низ креативна визуелна приказна за вистинската сила, достоинството и човечноста, нашите браќа, сестри, пријатели или соседи од пред објективот ќе се обраќаат многу директно, рушејќи ги меѓучовечките ѕидови, разбивајќи табуа и испраќајќи силна порака за општество кое има потенцијал да живее хармонично, инклузивно, свесно.
Целта на проектот е надминување и јакнење на културната интеграција меѓу различни општествени групи, вон главниот град, токму во помалите градови, ширум цела земја.
Здружението Икуалити, како носител на проектот, поставува безкомпромисен стандард за афирмација и промоција на рамноправното учество во културниот и општествениот живот во Македонија.