Зелен хуман град: Ќе протестираме за чист воздух

„Зелен хуман град“, во вторник организира протестен марш за чист воздух. Граѓанските здруженија предлагаат до Владата и општините неколку мерки за итно постапување, но и повеќе среднорочни мерки со кои, според нив значително би се влијаело врз загадувањето на воздухот. Протестот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, а потоа граѓаните ќе поминат пред Собрание и ќе завршат кај Владата. Тие бараат Владата и општините да преземат мерки за справување со загадувањето на воздухот. Протестот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, а потоа граѓаните ќе поминат пред Собрание и ќе завршат кај Владата.

„Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух“, велат организаторите на протестот, активистите од „Зелен хуман град“.

Меѓу итните мерки кои ги бараат се:

Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето.

„Во котлини опкружени со планини како Скопје, Тетово, Битола и други, природниот проток на воздух е блокиран, што доведува до намалена циркулација. Во зимскиот период без ветер, воздухот станува „заробен“, а ниските температури го прават густ и неподвижен, па штетните честички од домаќинствата, возилата и индустријата остануваат густо заробени во воздухот наместо да се расеат или кренат нагоре. За разлика од летото, кога повисоките температури ја поттикнуваат циркулацијата на воздухот и го разредуваат загадувањето“, велат од Зелен хуман град.

Тие бараат и регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, затоа што јавниот регистар ќе овозможи транспарентност, следење на напредокот и спречување на работа на субјекти кои не ја поседуваат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор.

 За големите загадувачи како Усје и Макстил, ваквите дозволи се клучни за ефективната контрола на емисиите на прашина, сулфур диоксид и други загадувачи. Во случајот со Дрисла, проблемите со управувањето со отпадот и незаконското горење на отворено дополнително ја влошуваат ситуацијата со загадувањето на воздухот и почвата. ОХИС, пак, претставува сериозна закана за животната средина поради присуството на опасни хемикалии, за кои е неопходно внимателно следење и контрола на загадувањето – објаснуваат од ЗХГ.

Нивно барање е и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од 3 метри. Како што велат, ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секој 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално за 1% се зголемува бројот на автомобили, што значи колку пошироки улици – толку повеќе автомобили.

Меѓу барањата е и мерката која ја предлага „О2 Иницијатива“ итно да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард и ваквата одлука да стапи на сила од први јануари 2025 година.

Од „Скопје смог аларм“ бараат да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа, а планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување.

Активистите бараат и да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди зелен“, затоа што со него ќе се овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила.

Здруженијата до надлежните предлагаат и неколку мерки кои треба да се спроведат на среднорочен рок.

Бараме поставување густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500м2, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони (А и Б-интегрирани дозволи). Клучно е да има јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу индустриските капацитети. Со оваа мрежа ќе се обезбедат индикативни податоци, врз основа на кои инспекциските служби на Градот Скопје ќе може да иницираат надзор заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно – бараат од „AirCare – Air Quality & Pollen App“.

Меѓу среднорочните мерки се и изградба на велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки/ленти со повисока минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, a со приоритет на велосипедски сообраќај итн.

Понатаму во овие мерки-барања се и јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи, потоа субвенции за поставување фотоволтаици за индивидуални домаќинства, како и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување, а се бара и високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај и систем за самоизнајмување велосипеди.

Постојат градови во кои системот за самоизнајмување велосипеди е поврзан со мобилна апликација. Низ градот би постоеле точки на кои може да се преземе или да се остави велосипедот. На тој начин би имале на располагање едноставен процес и постојано достапни велосипеди, што би било голем поттик за граѓаните да изберат ваков тип на превоз – посочуваат организаторите на протестот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни