Западно – нилска треска, болест смртоносна за 1% од заразените

Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се развиваат во сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи

Седумдесет и осумгодишен маж од општината Чешиново-Облешево, Кочани починал на 16 септември на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на западно-нилска треска. Според податоците на ИЈЗ тој е четврт случај годинава и е пријавен на 12 септември.

West Nile вирусот e oткриен во 1937 година во Уганда, а неговото присуство е дoкументирано речиси на сите континенти – во Африка, Америка, Азија, Австралија, Европа и Блискиот Исток. Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи можноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација на органи. Периодот на инкубација на болеста вообичаено трае од 3 до 14 дена.


„Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите
20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од
себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се развиваат во сериозни форми, со тешка
клиничка слика и се потенцијално смртоносни како воспаление на мозокот, воспаление на
мозочните обвивки или појава на парализи„ се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје кој ги следи сите случаи на западно нилска треска во земјава.

Не постои специфична терапија за болеста, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите. Соодветната интензивна медицинска нега дава можност за поголемо преживување на заболените со тешки форми. Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3-15% и се зголемува кај повозрасните категории.

За оние кои ќе преживеат, опоравувањето е долготрајно, со опстојување на умор, слабост на мускулатурата, тешко одење, загуба на помнењето, депресии и слично. Не постои вакцина за луѓето. Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.

Во земјава од почетокот на годината пред ова, првиот случај годинава со нилска треска е регистриран во месец април 2024 година, кај жител на општина Василево, Струмица. Вториот случај е во месец јули, кај жител на Кочани.

Како може да се спречат несаканите ефекти од болеста?

Епидемиолосите велат дека пред се е потребна едукација на населението за болеста, за начините на пренос, како и можностите за превенција преку изработка на соодветен едукативен материјал. Потребно е да се известат матичните лекари и инфектолозите за појавата на заболувањето и
итно да се пријават до надлежните служби.

Превенцијата на сите овие болести кои се пренесуваат преку комарци е насочена кон намалување на популацијата на комарци и нивен престој во животниот простор на луѓето. Освен редовното прскање за комарци, препораките се да не се оставаат отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница, редовно да се чистат олуците за да се овозможи истекување на водата, да се одржуваат чисти базените за капење, украсни базени, фонтани, да не се создаваат бари (застоени води) по дворовите како и да се намали можноста за изложеност на убоди од комарци со користење на миризливи свеќи, спирали, специјални сијалици, фенери и апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците. Се советува и да се постават заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот и да се користат средства за лична заштита за убоди на комарци.


Патниците кои патуваат и престојуваат во земји или предели каде се евидентираат болести доколку приметат симптоми на болеста, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за скорешниот престој во предели каде што егзистираат болести кои се пренесуваат со комарци.

Раното дијагностицирање и навремен третман, можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток.

Најново

Последни колумни