Судот во Келн им забрани на две германски компании да ги рекламираат своите чоколадни производи како „Дубаи чоколада“ доколку не се произведени во Дубаи, пренесува Феникс магазин.
Во две итни постапки, судиите одлучија дека изразот „Дубаи чоколадо“ ги доведува потрошувачите во заблуда. Забраната се однесува на компаниите „Medi First GmbH“ со нивниот производ „Miskets Dubai Chocolate“ и „KC Trading UG“, кои ја продаваат чоколадата „Elit – The Taste of Dubai“.
Доколку компаниите ја прекршат забраната, директорите се соочуваат со казни до шест месеци затвор или парична казна до 250.000 евра.
Измама со лажни информации за потеклото
Судиите ја образложија својата одлука со фактот дека просечниот потрошувач од називот на производот би заклучил дека чоколадата е произведена во Дубаи. Изразите на англиски јазик, како „Taste of Dubai“ или „a touch of Dubai“, дополнително го засилуваат овој впечаток. Малата забелешка „Origin: Türkiye“ на задната страна на пакувањето не е доволна за да ја исправи оваа погрешна перцепција.
Судската забрана и пошироките последици
Тужбата е покрената од компанијата „MBG International Premium Brands GmbH“ од Падерборн, која е ексклузивен увозник на „Habibi баровите“ од Дубаи во Германија. Компанијата се повикува на законот за заштитни знаци, кој забранува користење на географски ознаки ако производите не потекнуваат од посочениот регион.
Пресудите може да имаат далекусежни последици за пазарот. Трендот на „Дубаи чоколадата“ доведе до тоа многу производители да ги пласираат своите верзии, кои најчесто се произведуваат во Германија или Турција. MBG веќе разгледува нови правни мерки против други компании.
Увозникот Андреас Вилмерс, кој тврди дека службено извезува чоколада „Fex“ од Дубаи, исто така упатил предупредувања до дисконти како Lidl и Aldi, како и до производителот на чоколади Lindt, поради наводно измамничко рекламирање.
Иако одлуките на Судот во Келн се важечки, адвокатот за интелектуална сопственост Кристијан Шварц истакнува дека други судови би можеле да имаат поинаков став и да го толкуваат изразот „Дубаи чоколада“ како име за одреден вид чоколада, слично како „виенски шницел“ (Wiener Schnitzel). Главната расправа сè уште е во тек.