Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Славко Јаневски, Лилјана Чаловска, Гого Ивановски, Абдулазис Ислами, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Игор Исаковски, Георги Сталев, но и македонската азбука се во фокусот на свеченото отворање на второто издание на Деновите на поезијата, во организација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол, од 19 до 21 мај 2025 год.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, како и на двајца поети кои изградија поетски мост помеѓу нашата земја и африканскиот континент, сенегалскиот франкофон поет Леополд Седар Сенгор и нашиот Ацо Шопов.
Од универзитетската фела, со нас ќе бидат Наташа Аврамовска, Владимир Мартиновски и Весна Мојсова-Чепишевска; од издавачката, Јулијана Величковска и Билјана Црвенковска; а од уметничката, Сашо Гигов-Гиш, Петар Ренџов, Никола Ристановски и Игор Џамбазов.Во текот на „Деновите“, на поетската сцена во Скопје Сити Мол ќе настапат современите македонски поети Павлина Атанасова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Санде Стојчески, Ивица Џепароски, како и поети дебитанти кои за првпат ќе ѝ се претстават на публиката, благодарение на ПНВ Публикации и Култура бета: Јована Алексовска, Селин Есад, Христијан Илиевски, Максим Костадинов, Нино Наумовски, Милена Неделковска, Клаудио Серафиноски, Фотиј Сионис, Симона Срезовска, Бисера Стефановска, Методија Тасевски и Дарија Трендафиловска.
На истата сцена ќе слушнеме и поезија од македонски автори на грчки, како и од грчки автори на македонски (Сотирис Минас и Иван Антоновски), ќе разговараме за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии (Ласко Џуровски и Јулијана Величковска) и ќе се запрашаме како се одвива меѓугенерацискиот диалог во кругот на македонските поети (Македонски Пен центар).
Во чест на јубилејот 80 години од македонската азбука, нашите букви ќе го „разбушават“ Скопје Сити Мол! Уживање за децата кои ќе имаат можност и самите да ги цртаат буквите од „Бушавата азбука“ (Издавачка куќа „Чудна шума“. Ќе ги слушнеме и како ја пеат (ученици од ОУ „Владо Тасевски“).
Младите активно ќе учествуваат во програмата. Ученици од основното и средното образование од целата земја ќе се натпреваруваат кој поубаво рецитира поезија во салите на киното Синеплекс во Скопје Сиути Мол.
На отворањето ќе настапат студенти од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност: Давид Димоски, Никола Ѓоргиев, Анастасија Трајковска и Антонио Трајкоски. Ученици од гимназијата „Никола Карев“ ќе ја подмладат на најубав можен начин ситимолската поетска сцена, која годинава ќе биде отворена и за широката публика: под мото „Сите сме поети!“, посетителите ќе имаат можност на неа да прочитаат песни и така да го испробаат „Поетското тркало на среќата“.
Ги очекуваат прекрасни награди! На располагање ќе им биде и „Sидот на поезијата“ на кој секоја испишана песна ќе биде исто така наградена.
Деталната агенда е достапна тука: urlr.me/AwGYcq