Забраната за влез во САД за државјани на 12 земји, која беше објавена минатата недела од претседателот Доналд Трамп, стапи на сила утрово, како што беше најавено со претседателскиот указ.
Оваа одлука е донесена со цел „заштита на САД од странски терористи и други закани по националната безбедност“. Се однесува на државјани на следните земји: Авганистан, Мијанмар, Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Американската влада, која води рестриктивна антиимиграциска политика, ги стави овие земји на списокот бидејќи се смета дека немаат ефикасна администрација за контрола на патниците и поради тенденцијата на некои нивни државјани да останат во САД по истекот на визата.
Дополнително, за уште седум земји воведени се ограничувања при издавање на визи: Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
Трамп ја спореди оваа одлука со “ефикасните рестрикции” што ги воведе на почетокот на својот претходен мандат во 2017 година за седум претежно муслимански земји – забрана која неговите критичари ја нарекоа „муслиманска забрана“. Четири земји се наоѓаат на обете листи: Иран, Либија, Судан и Јемен.
Одлуката беше пречекана со загриженост и изненадување во погодените земји. Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, изрази загриженост за „меѓународното право“ поради „многу широкиот и општ обем“ на забраната.
Африканската унија ја изрази својата загриженост за потенцијалните негативни ефекти на ваквите мерки, вклучително и на дипломатските односи.
Чад објави суспензија на издавање визи за американски државјани како контрамерка.
Јасамин Ансари, демократска конгресменка од иранско потекло, изјави дека лично ја почувствувала болката од „свирепите и ксенофобични Трампови забрани за патување“, и најави дека демократите ќе се борат против нив.
Сепак, се предвидуваат исклучоци за одредени категории визи – како дипломатски или за лица чие патување е „во национален интерес“ на САД.