„Историја на пчелите“ комбинира футуристичка дистопија и историска фикција за да го вклучи алармот во врска со сѐ помалата популација на пчелите.
Англија, 1852 година. Вилијам е биолог и трговец со семиња, кој започнува со изградба на нов тип кошница за пчели, која нему и на неговите деца ќе им донесе и слава и чест.
САД, 2007 година. Џорџ е пчелар кој залудно се бори против модерното пчеларство, но се надева дека неговиот син ќе биде нивното спасение.
Кина, 2098 година. Тао рачно нанесува полен на овошните дрвја затоа што пчелите веќе одамна се исчезнати. Кога по една трагична несреќа властите ќе го одведат нејзиниот син, таа тргнува на опасно патување за да открие што се случило со него.
Книгата ги обединува минатото, сегашноста и една застрашувачка иднина во возбудлива приказна која е сложена како саќе. Просветлувачка и одлично опишана врска за моќната поврзаност меѓу децата и родителите како и за нашиот однос кон природата и човештвото.
„Историја на пчелите“ на прекрасен начин воведува една исклучително важна тема во светот на литературата – климатската проза, која ни предочува дека ние како човештво сме зависни од добросостојбата на пчелите и на другите инсекти. Сѐ додека тие се во опасност, и ние сме во опасност.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.
За авторката: Маја Лунде (1975) е норвешка писателка и сценаристка. Има напишано десет книги за деца и млади. Авторка е на сценарија за норвешката телевизија, претежно за популарни детски серии. Своето книжевно деби го имала во 2012 година со трилер чие дејство се одвива во 1942 година. Во 2015 ја има добиено наградата на норвешките книжари за „Историја на пчелите“, која е и првиот роман во нејзината серија за луѓето и климатските промени. Живее во Осло со сопругот и трите деца.
За преведувачката: Искра Бадева е родена во Скопје во 1980 година. Како вљубеник во културата и литературата на Северот, ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Преку своите преводи се надева дека ќе ја разбуди љубопитноста на македонските читатели кон историјата, секојдневјето и начинот на размислување на северните народи.
Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и фински јазик. Добитник е на наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија. Има преведено повеќе од педесет дела на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се Сара Омар, Мерта Тиканен, Ерленд Лу, Туве Јансон, Пер Петешон, Марија Пар, Ју Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен.
„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.
Ние сме сериозно свесни за суровите предизвици пред кои се исправени планетата и човештвото и поради тоа „Антолог“ ја лансира „Се грижиме за планетата“, агенда за одговорно однесување кон природата и заедницата и со објавување на секоја нова книга, опфаќаме конкретни мерки и активности за еколошко, одржливо, етичко и социјално одговорно однесување.