Во своето патување низ Македонија, славниот патеписец Евлија Челебија оставил незаборавни записи за Струга и Охридското езеро, опишувајќи ги како места полни со историја, култура и природни убавини. Според неговите описи, Струга била не само ловиште и риболовиште, туку и значајна касаба со свои уникатни карактеристики. Челебија ја истакнува важноста на риболовот во економскиот живот на Струга, каде рибарите секоја вечер извлекувале мрежи од езерото, предавајќи ја уловената риба на еминот.
Охридското езеро, со својата форма на издолжен триаголник, било опишано како „прекрасно како еликсир на животот“. Челебија го спомнува богатството на рибите, особено јагулата, која се верувало дека дава сила и помага во справувањето со главоболки. Неговиот опис на старите мостови и тврдини околу езерото создава слика за живописна и динамична средина.
Во времето на Челебија, Струга била мала касаба со околу 300 куќи, но нејзината важност во трговијата и риболовот била значајна. Годишниот панаѓур привлекувал илјадници посетители, создавајќи гужва и живост во чаршијата. Овие записи не само што нудат увид во минатото на Струга и Охридското езеро, туку исто така потсетуваат на вредноста на овие места во современото општество.
Ви го пренесуваме во оригинал делот за Струга и Охридското езеро од патеписите на Евлија Челебија.
ОПИС НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Некои тоа име го пишуваат Охри* (*заб.: Во прашање се финесите на арапската абецеда и фонетика). Тоа е така наречено од слените причини: …Езерото е долго од еден до друг крај 15 милји. Тоа е со облик на малку издолжен триаголник и потребни се полни 24 часа да се обиколи. Езерото е прекрасно како еликсир на животот. Еднаш заради кладба го заобиколил шатор-башата на Фаик-паша од Трикала. Но, не дошол во тек на истиот ден, туку, со напор стигнал дури по зајдисонце. Тој го заобиколил езерото за еден ден со брзо одење. Околу езерото се наоѓаат четири држави. Првин е овој град Струга, потоа Подградец** (заб.: Во ориг. Погрешно е запишано Невградас; треба Подградец.), а најголем од сите е Охрид, кој што лежи на брегот од езерото, на една карпа која се издига кон небото, а се наоѓа на северната страна од езерото.
Околината на езерото е украсена со многу богати и добро населени чифлизи. Ниедно друго езеро нема толку различни видови риби како ова. Особено рибата јагула која тука се наоѓа, и има пријатен мирис како мошус и амбра. Таа е многу мрсна, и кога е потполно свежа, од неа се прави ќевап… На оној што ја јаде таа риба му дава голема сила и толку го зајакнува што тој на својот врсник, ако се зборат, пет-шест пати ќе го надвладее, ќе го собори под себе и ќе го надсили како атлет. Таа се јаде и кога човекот боледува од главоболки. Ако човекот ја насоли својата глава и главата од рибата ја стави на својата, тој со божја помош ќе се ослободи од главоболките. Вкусни се и рибите: штука, пастрмка, крап и белвица. Тука има илјадници видови риби, но овие пет наведени врсти, воошто немаат мирис на риба.
Емин-агата на ова ловиште, во еден залив, точно на средината на оваа касаба Струга, подигнал голем дрвен мост на дванаесет лаци, долг 150 чекори. На тој мост е изграден врз големи диреци голем дворец на Емин-агата. Тоа е голем сарај. На средината од тој дворец се наоѓа дрвена капија. Секоја вечер пасванџиите и чуварите ја затвораат капијата на тој мост, така што ниеден човек не може да премине од една на друга страна, бидејќи секоја вечер на мостот 40-50 вооружени редари држат стража и истовремено го чуваат дворецот се до утро за да не побегнат робовите, арамиите, убијците или рибокрадците. За таа намена е изградена оваа капија на мостот. Ракавците кои истекуваат од ова езеро се влеваат во морето кај пристаништето Сан Џован кое се наоѓа во морскиот залив дури кај градот Леш во скадарскиот санџак во Албанија, десет конаци далеку. Охридското Езеро е толку големо што не се преоѓа ни од една страна, па станало вистински бедем во средината на овој вилает на охридскиот санџак. Кај неговите истеци на две места се наоѓаат мостови. И таму, еминовите луѓе чуваат стража пазаришни такси (bāз-I bazar) од патниците и намерниците и десеттина од риболовот (цşr-I māhī). Тие влезовите така ги чуваат што ни птица не може да прелета; главниот премин, меѓутоа, и е мост во Струга. Од долната страна на тој мост се наоѓаат стотина ловишта на риба (dalyan), кои што не можат да се опишат, туку треба да се видат. Водата што истекува од езерото под тој мост е толку брза што не може со око да се следи. Таа и на зима и на лето тече во четири ракавци, како реката Драва, така што никогаш не се сече. Чудно е тоа дека во ова езеро не се влеваат големи реки; и иако е така, водата од ова езеро и на лето и на зима тече како реката Амударија (Džeyhun). Течејќи кон запад таа влегува во касабата …, потоа …, влегува во … и на крај во пристаништето Сен Џован, кај споменатиот град Леш, се влева во Јадранското Море (Bundukānī kцrfesi). Тоа езеро е вистински еликсир на животот; само, на лето е многу топло и матно, но, ако малку се чува во чаша на провев, станува студено како мраз; кога ова езеро ќе се измати, тогаш најмногу се лови риба.
[ОПИС НА КАСАБАТА СТРУГА]
Оваа касаба е нијабет на охридскиот кадилук. Тоа е мала касаба на песоклива почва покрај езерото. Изградена е на четири места во долините обраснати со зеленило. Вкупно има околу триста со ќерамиди покриени, тврдо ѕидани еднокатни и двокатни куќи, со градини и лозја.
Климата е пријатна. Има само три [муслимански] маала, но има многу бугарски и грчки неверници. Постојат само четири муслимански светилишта. Прва е џамијата Ohrūzāde*** (***заб.: тука Челебија најверојатно мисли на Ohrūzāde Sinanuddin Jusuf -Čelebija кој починал 1493 година.) во чаршијата.Покриена е со олово, а има и висока купола и тенко минаре. Тука се наоѓа и еден ан, еден имарет (јавна кујна), една медреса и еден амам. Сите тие се завештанија на Ohrūzāde. Постојат уште три месџиди и пет мали дворови-коначишта, потоа само четириесет дуќани, но без безистен, зашто овие дуќани се сосема доволни.
Низ чаршијата тече еден ракав од езерото и на него има дрвен мост. Прозорите на имретот и на медресата гледаат во таа вода, и тие што се хранат во имаретот седат до прозорите и уживаат во воздухот. Сите кајакчии ги врзуваат своите кајаци на пристаништето на водата што тече низ касабата.
Во ова гратче се одржува голем годишен панаѓур, т.е. пазар, кој го посетуваат околу четириесет до педесет илјади луѓе; десет дена и десет ноќи, така што си врие од пазаришниот жагор. Тоа е голем саем кој што не може да се опише. Надвор од гратчето се наоѓаат триста панаѓурски дуќани (заб.: Глиша Елезовиќ пишува дека му кажувале дека во непосредна близина на Струга постои место кое се вика Панаѓуриште /Glasnik Jugosl. Profesorskog društva, knj. XVI, 1936, str. 507, nap. 22/). Освен тоа, на местото каде што се одржува овој саем, се подигнуваат и илјадници провизорни дуќани и тезги на кои се купува и се продава.
Од месните првенци и господа се истакнува Халил-ага, Омер-ага и Имам-ефендија**** (****заб.: Елезовиќ во 1936 година пишувал дека и тогаш во Струга живееле потомци на ова семејство /Glasnik Jugoslovenskog profesorskog društva, XVI, str. 507, nap. 23/), и држат конаци за гости и им даваат храна.
Овде, патем, се простив од своите пријатели, зедов вредни придружници и тргнав од Струга кон југоисточната страна по брегот на езерото, низ лозјата и градините. Потоа го поминав далјанот на Ohrūzāde, кој се наоѓа на местото каде што една вода која е како еликсир на животот и која се спушта од висоравнината Исток***** (*****заб.: Во ориг.: овде и на сите останати места Sejāhatnāme пишува Усток; треба Исток, планина помеѓу Охрид и Ресен. (Сп. Бабингер, н.м., стр. 40, и нап 3. и Гл. Елезовиќ, н.д., 507, нап. 25) влева во Охридското Езеро****** (******заб.: Тоа е Крива Река. Таа се спушта од ограноците на планините Петринска и Плаќанска.). Од тоа место па си до Охрид по брегот на езерото води околу осум илјади чекори дол и широк калдрмисан со бел камен пат. Го поминавме и тој пат и за три часа стигнавме [во Охрид].