До ова значајно откритие се дошло по години истражување предводено од чешкиот спелеолог Марек Ауди, кој претпоставувал дека во јужниот дел на Албанија, во регионот Вромонер, постои скриен систем на термални пештери, јавува Радио Прага.
Истражувајќи го подрачјето во близина на грчката граница и следејќи ја пареата од бројни топли извори, научниците откриле понор длабок 100 метри. На неговото дно, пронашле подземно езеро долго 138 метри и широко 42 метри.
Со обем од 345 метри, ова езеро може да собере речиси трипати поголем волумен на вода од главната сала на Народниот театар во Прага.
Научниците велат дека ова откритие конечно дава одговор на прашањето од каде топлите извори во регионот ја добиваат својата вода.
„Веруваме дека ова откритие може да придонесе за заштита на целото подрачје и подобро разбирање на неговата хидрологија, бидејќи до денес никој не знае точно како овие подземни води се поврзани со површината“, изјави Ричард Буда, член на истражувачкиот тим, фотограф и спелеолог.