По повод меѓународниот ден за борба против говорот на омраза, ги прашавме граѓаните: „Зошто има толку омраза на социјалните медиуми? Дали се свесни тие што ја шират таа омраза, дека цела држава ги чита?“ А еве што ни кажаа граѓаните: „Мислам дека се свесни, а дел од нив мислам дека и не се свесни… Необразовани има доста, што пишуваат разни глупости…“, „Само лаат, не касаат, онлајн… пишуваат глупости, навредуваат, во живо тие немаат „муда“ да ти кажат нешто или да направат нешто… Им донесува задоволство да штетат на другите“, „Очигледно не се свесни дека ги чита цела држава…“, „Сето тоа се прави свесно, делумно се диригира од одредени центри на моќ… Зад омразата многу често стојат профитери“, „Не се научени да ја прифаќаат различноста…“.
Еве што ни одговорија граѓанките на прашањето дали се соочиле со омраза на социјални мрежи, и како се справуваат со неа: „Да, многу пати…“, „Едноставно „игнор“, ако може…“, „Не дозволувам да достигне хејтот до мене, јас сум си више оформен свој човек, нема туѓо мислење да ми влијае… Одам по улица, ќе ми лаат, ќе ми викаат „секта“, не знам што, ама мене тоа не ми е гајле“.
Граѓанките се свесни и за штетите што ги предизвикува говорот на омраза: „Па, може да предизвика многу голема штета…“, „Воглавно штетата ја трпат жртвите, дотолку повеќе кога е нападната нечија сексуалност, или не знам, било која друга определба, припадност…“.
На прашањето „За неколку дена има прајд во Скопје, што би им препорачала на оние што мразат различни од себе?“, една скопјанка вели: „Да седат дома… да си бркаат работа“. А еве што кажаа неколку други соговорници: „Не гледам причина да се мрази поинаквиот, апсолутно нема никаква причина“, „Нема потреба од омраза, има право секој да живее како што сака…“, „Сите сме едни исти, во суштина човекот е човек, независно од каде и да е, и сите ги имаме истите желби и основни потреби“, „Би им препорачала само да не се замараат со животот на другите, мислам, секој си го води својот живот, така?“