Вечерта од овој вторник е резервирана за писателот, поет, сликар и стрип-автор Владо Јаневски, кој низ разговор за неговите три последни романи ќе биде претставен во Друштвото на писателите на Македонија пред книжевната и културна јавност во Скопје.
Владо Јаневски од 1989 г. живее во Сиднеј, а инспирација за пишување најчесто пронаоѓа од многубројните патувања низ светот (престојувал во над 70 земји).
Неговото творештво се одликува со мултижанровски пристап, а неговите дела се често проткаени со елементи на магичниот реализам.
Литературниот опус на Владо Јаневски се состои од шест романи: „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-Или, Скопје, 2024), „Смртта не е крај“ (Арс Ламина“, Скопје, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004); една збирка раскази („Нема враќање“, издание на „Студентски збор“, Скопје, 1985) и една збирка поезија („На грбот на неповратот“, издание на Агенција за иселеништво, Скопје, 2024). Објавил две книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, Скопје, 2023) и „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, Скопје, 2023), а застапен е и во неколку збирки за современи бајки.
Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите за краток расказ на „Студентски Збор“ и „Нова Македонија“, за најдобар роман „Пегаз“, за најдобра поетска збирка „Стојан Христов“, за најдобро сценарио за долгометражен филм („Скрипт Фест“) и за најдобри бајки „Современи бајки од Македонија“.
Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ во 2024 г. Оваа година, неговиот роман „Кој го уби Едгар Алан По“, беше во најтесен избор за наградите „Стале Попов“ на ДПМ и „Роман на годината“ на фондацијата Славко Јаневски.
Како автор за деца, В. Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој повеќе од две години редовно се објавува во прилогот „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“. Се занимава и со сликарство, а учествувал на повеќе ликовни колонии во Македонија.
Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји. Разговорот со авторот ќе го води Ана Пејчинова, а извадоци од делата ќе чита Емилија Тодорова.