Разговорите меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма продолжуваат во сабота во Оман, каде што експерти од двете страни ќе почнат со изработка на технички детали од можниот договор. Целта на преговорите е постигнување договор за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на дел од економските санкции кои САД ги воведоа на таа земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закануваше дека ќе изврши воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки доколку не се постигне договор.
Иранските функционери сè почесто предупредуваат дека би можеле да започнат со развој на нуклеарно оружје со нивните залихи на збогатен ураниум, кои се блиску до нивото потребно за производство на такво оружје.
Ниту Иран ниту САД не објаснија зошто разговорите се враќаат во главниот град на Оман, Маскат. Оман досега служеше како посредник меѓу двете земји и таму беше одржана првата рунда разговори.
Минатиот викенд се одржаа разговори во Рим, што според агенцијата AP, беше пореално растојание за двајцата главни преговарачи – иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф.
Сепак, Рим е во жалост поради смртта на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, чиј погреб ќе се одржи во сабота. Исто така, иранската државна телевизија се пожали на присуството на „папараци“ пред амбасадата на Оман во Рим за време на разговорите.
Телевизијата посочи дека во Рим нема ограничување на присуството на новинари, кои се мешаат во разговорите, за разлика од Маскат, каде медиумското присуство беше строго контролирано за време на првата рунда.
Вчера се сретнаа претставници од Кина, Иран и Русија со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси. Се очекува таа агенција да го надгледува спроведувањето на евентуалниот договор, како што тоа го правеше со нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили во 2015 година.
Иран го одби предлогот на Трамп за директни преговори со САД. Во тој договор учествуваа петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Русија, Кина, САД, Франција и Велика Британија) и Германија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повлече САД од договорот во 2018 година за време на неговиот прв мандат. Администрацијата на Трамп ги држи Франција, Германија и Велика Британија надвор од директните преговори со Иран, слично како и со разговорите кои Виткоф ги води со Русија за завршување на војната во Украина.
Иранскиот министер Арагчи, сепак, изјави дека е отворен за посета на Берлин, Лондон и Париз за разговори во врска со преговорите.
Се очекува американскиот технички тим да пристигне во Оман денес пред утрешните разговори. Тимот го предводи Мајкл Антон, директор за планирање политики кај државниот секретар на САД, Марк Рубио.