Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“

Уметноста е пат кон добрината и човечноста, нам ни останува одговорноста

Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ под мотото „Враќање дома“ како метафора за враќање на театарската уметност во градот Прилеп, заврши триумфирајќи годинава со квалитетна уметничка програма. Од 9 до 16 јуни, беа одиграни многубројни преставави и за деца и за возрасни, се одржа промоција на монографија за Чашуле, која доста емотивно беше промовирана на еден од фестивалските денови, се одржаа неколку конференции, изложба на костими и фотографии од претставаи на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите 20 години.

МТФ „Војдан Чернодрински“ пулсираше со сериозен фестивалски концепт со исклучителни драмски автори, режисери и актери кои „нè одведоа на патување низ времето и просторот“ и секој ден со полна сала публика

Годинава со Ана Стојаноска, тетаролог, како уметнички директор на овој фестивал од светски ранг и со еден професионален тим околу себе, заокружен со жири комисијата, фестивалот можеби го доживеа едно од своите најдобри изданија.

Поразговаравме со Ана околу општествено социјалниот импакт на оваа уметност врз секојдневието, околу тоа на кој начин е направена програмата и за нејзината најнова книга – монографијата „Чашуле раскажувачот“ која беше промовирана во склоп на фестивалот.

Трн: Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност „Војдан Чернодрински“ годинава понуди богата програма. Кој беше критериумот при избор на претставите? Дали имаат некоја врзувачка нишка?


Ана: Ги гледав сите претстави на тековниот репертоар низ театрите кај нас и потоа се наметна концептот. Критериуми беа неколку: претставата да понуди современ прочит, дефинирана естетика и пред сè, креативност која не останува ограничена и театарска игра која треба да доминира. Токму актерската игра, радоста во создавањето, пркосот да се избори со сите предизвици ја артикулираа врзувачката нишка на програмата. Сакам да истакнам дека дојдов на ова место на половина од сезоната, така што мојот концепт требаше да се создаде, а не да го води изборот. 

Трн: Дали претставите што се бираат на програма на фестивалот ги одразуваат проблемите на современото општество и дали нудат решение?

Ана: Првиот критериум е секогаш, за мене, квалитетна театарска претстава, потоа контекст кој е актуелен и најмногу, да раскажува своја приказна и покажува свој став. Фестивалот има свој статут и свој начин на работа и затоа треба да се има предвид дека влијаат повеќе работи во процесот на селекција на претставите. Што се однесува до сржта на вашето прашање, би рекла дека тоа е во репертоарната политика на секој театар посебно, а не на фестивалот. Би сакала да верувам дека може да се понуди решение на општествените проблеми од страна на програмата на фестивалот. Но, за мене, најважно е дека даваме простор на сите што имаат што да кажат и покажат. 

Трн: Колку пораките ја тераат публиката да се запраша каде одиме, и дали имаме излез кон човечноста и добрината?

Ана: Секоја уметност треба да предизвика емоција кај оној што ја доживува. Секоја уметност треба да предизвика одредени прашања и да се фокусира да покаже одреден став. Театарот е една од најубавите уметности затоа што на гледачот му покажува и прикажува, а притоа директно го вклучува во самото дејство. Затоа сметам дека уметноста може да го покаже патот кон добрината и човечноста, но на нас самите останува одговорноста. Во контекст на тоа би дала конкретен пример со нашиов фестивал, самиот фестивал и реакциите на него покажуваат какви сме како луѓе и како уметници. 

Трн: Автор во фокус на годинашниот фестивал беше Коле Чашуле во чест на стогодишнината од неговото раѓање.  По тој повод беше промовирана монографијата „Коле Чашуле: Приказнувачот“ чиј автор сте вие. Колку современите драматурзи успеваат да го продолжат делото и вредноста на вакви особено значајни автори кои оставаат траен белег во целокупното македонско творештво?

Ана: Сериозните драмски автори знаат да учат од своите претходници. Имаат однос кон традицијата и отвореност кон современието. Коле Чашуле сите нас нè научи како се почитуваат предците, како достоинствено се комуницира со современиците. Доволно е да ги имате прочитано неговите драми (и сите негови дела), на неговите современици и наследници и ќе видите во која насока може да оди современата македонска драма. Во оваа смисла мислам дека е најважно секој автор, независно од возраста, треба да знае да направи мост меѓу минатото и сегашноста, да ја испровоцира иднината. 

Трн: Како автор на неколку романи, драми, призната писателка, а од неодамна и преведувана на друг јазик за што сметате дека треба да се пишува за да може на некој начин уметничкото творештво да влијае на колективната свест? Што сакате да порачате вие со вашите дела?

Ана: Пишувам затоа што тоа е мојот повик, моето внатрешно себеостварување. Не пишувам за да се докажувам некому, ниту да испраќам пораки. Обично своите ставови ги кажувам гласно и јасно и тоа го барам од своите студенти. Моето пишување е внатрешна потреба, крик, емоција, посветеност и можност да ги прикажам сите тие светови во форматот на жанровите што ги создавам. Преведени ми се и поезијата и прозата на повеќе јазици и сметам дека тоа е медиумот на кој еден уметник го отвора својот пат кон целта. 

6.Десет претстави имаше во официјалната конкуренција. Кој беше критериумот при доделување на наградите? Што ви значат вас наградите?

Ана: Јас како уметнички директор само ја слушнав оцената на жири комисијата и наградите што ги доделија. Немам, ниту пак сакам да имам влијание врз нивната одлука. Сакам само едно да кажам на оваа тема – мене лично ми значат наградите за моите книги, но никогаш не ми се приоритет, ниту пак средство за покажување на мојата уметност. Убаво е да си наградуван, но не е тоа прашање на живот и смрт, како што рече претседателот на годинешната жири комисија, господинот Јанко Љумовиќ. 

За прв пат, годинава, жирито составено од театарската елита од Белград, Нови Сад и Подгорица- Јанко Љумовиќ ( театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора), претседател, Милош Латиновиќ (директор на театарот и фестивалот „Битеф“ ) и Мирослав Мики Радоњиќ (актуелен директор на „Стеријино позорје“), членови, со театрологот Јелена Лужина на затварањето на фестивалот

„Имате извонредни актери, треба да бидете репортоарски похрабри, режисерски поинвентивни, за да биде еден театар успешен. На добар текст, со добар режисер и добри глумци, на тоа тројство почива театарот. Вие во Македонија имате потенцијал , и со класичниот и со современиот театар, ама нема домашен театар без домашен автор, потенцираше жирито кога ги соопштуваше наградите. 

Во чест на наградените Српско драмско позориште од Нови сад ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски со што беше затворен годинашниов 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни