Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Украина би била подготвена да разговара за територијални прашања во рамките на мировни преговори, но само по целосно и безусловно примирје од страна на Русија.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да разговараме за сè,“ изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Трамп во интервју за Тајм рече дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Тоа што го кажа претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров,“ изјави Зеленски.
Украинските власти претходно решително ја отфрлаа можноста за било какви територијални компромиси со Русија, дури и како дел од мировен договор.
Вчера во Москва се одржа состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф. Разговорот траеше три часа.
Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави по состанокот дека главна тема била можноста за обновување на директни преговори меѓу Русија и Украина со цел постигнување договор за прекин на огнот, пренесе РИА Новости.
„Кога станува збор за самата украинска криза, разговаравме посебно за можноста за обновување директни преговори меѓу претставници на Руската Федерација и Украина,“ изјави Ушаков.