Прилепскиот убиец имал дозвола за оружјето, претходно пукал во кафеана

Петар Ѓ. (62) од Прилеп, кој завчера го изврши двојното убиство на својот внук од сестра и неговиот малолетен син, а потоа се самоуби по престрелка со полицијата, легално поседувал оружје. Според информациите од полицијата, иако во минатото бил инволвиран во инцидент со пукање во кафеана, делото било застарено и немало други евидентирани прекршоци.

ОВР Прилеп потврдува дека единствената кривична пријава против Петар Ѓ. датира од 2002 година, кога бил пријавен за предизвикување општа опасност. Тој тогаш пукал со огнено оружје во угостителски објект, но случајот никогаш не добил судска разрешница поради застареност.

Иако, според сведоштва на сограѓани, се работело за човек со тежок карактер и конфликтно однесување, полицијата информира дека во последните години немало поплаки или пријави поврзани со негово проблематично однесување.

Оружјето со кое го извршил нападот било стекнато како наследство, а дозволата за негово поседување му била издадена во 2012 година и продолжена во 2022.

Трагичниот настан се одиграл во неговиот дом на улицата „Стеван Апостолоски“. Според досегашните сознанија, Петар Ѓ. ги повикал Панчо Ч. (43) и неговиот син Милан Ч. (13) и по кратка расправија ги застрелал. Потоа, во вооружен конфликт со полицијата, отворил оган, активирал рачна бомба и извршил самоубиство.

При увидот, полицијата пронашла чаури, траги од куршуми, рачна бомба М93, како и два пиштоли од калибар 9 мм и 7,65 мм. Потеклото на експлозивната направа сè уште се истражува.

Полицијата посочува дека на местото на настанот пристигнала по 21:20 часот, откако била примена првата пријава за инцидент. До тој момент не постоеле најава или аларм од граѓани за можен конфликт или опасност.

Жртвите беа погребани денеска на Старите градски гробишта во Прилеп.

Извор: МЕТА.МК

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни