Се засилува трката меѓу САД и Кина за доминација во вештачка интелигенција – европскиот парадокс

Вештачката интелигенција (ВИ) ја менува дефиницијата за моќ, брзина и контрола, а сајбер-војувањето ги брише границите, овозможувајќи напади без предупредување. Светските сили веќе се вклучени во нова „трка во вооружување“, при што САД и Кина се на врвот.

САД водат во развојот на т.н. генеративна вештачка интелигенција, со доминантен екосистем на чипови. Американската војска веќе користи ВИ во одбраната, логистиката и надзорот. Нивната стратегија за безбедно користење на ВИ се базира на отвореност и иновации, со фокус на „отворен код“ (open-source) и приватен сектор.

Во Кина, стратегијата е централизирана и водена од државата, со огромни вложувања во ВИ и 5G инфраструктурата. Планот од 2017 предвидуваше Кина да стане светски лидер до 2025 година, но рокот е поместен на 2030 година.

Иако односот меѓу САД и Кина во оваа сфера е натпреварувачки, постои и елемент на меѓузависност. Американскиот политиколог Греам Алисон во книгата „Америка и Кина – осудени на војна“ предупредува дека токму меѓузависноста може да го одложи судирот, но не и да го спречи.

Вештачка интелигенција – ново геополитичко боиште

Според Алисон, токму вештачката интелигенција ќе биде клучна за односот меѓу овие две сили. Нивното натпреварување се одвива на повеќе фронтови: технолошки, економски и геополитички.

САД настојуваат да го ограничат развојот на кинески платформи како DeepSeek и го блокираат извозот на напредни чипови. Кина, пак, бара локално складирање на податоци и подложува странски компании на строги сајбер проверки. Оваа стратегија создава таканаречени „дигитални ѕидови“, или – како што сè почесто се нарекува – нов Студена војна 2.0.

Борбата веќе не е само за предност, туку за опстанок во дигиталната ера. Иднината на геополитиката сè повеќе се врти околу дата-центри, алгоритми и дигитални капацитети.

„Натпреварот меѓу САД и Кина не е еднонасочна трка – тоа е комплексен судир кој ќе ја обликува новата меѓународна рамнотежа на моќ“, напишаа Колин Кал и Џим Митре, експерти за национална безбедност, во Foreign Affairs.

Сајбер-напади и вештачка интелигенција

Сајбер-нападите не се повеќе дополнителна алатка, туку главно оружје во конфликтите. Цели се енергетска инфраструктура, болници, банки, изборни процеси… Не е потребна армија – доволен е тим хакери, интернет и политичка волја.

Според платформата Modern Diplomacy, ВИ ќе биде клучна за донесување брзи одлуки, особено во време на воени ризици и глобални поместувања.

Дури и цивилните безбедносни системи нема да можат да функционираат без ВИ – односно, нема да функционираат доволно брзо или ефикасно. Подобра технологија значи побрзо собирање и анализа на податоци.

Њујоршкиот Cyber Institute, во своето истражување „Геополитички импликации на вештачката интелигенција“, укажува на трансформацијата што ВИ ја прави во областа на националната одбрана – од откривање закани и одговор на инциденти, до шпионски и офанзивни операции.

Може ли да се верува во туѓа вештачка интелигенција?

Технолошката асиметрија меѓу државите ќе ја редефинира глобалната моќ, велат експертите. Прашањето не е само дали некоја земја користи ВИ, туку чии алгоритми ги користи, особено ако нема свои. Системот може да работи за оној што го креирал – а не нужно за корисникот.

Професорот Ендру Реди од Универзитетот Беркли предупредува:

„Ако противничкиот ВИ систем е нестабилен и носи непредвидливи одлуки, ризикот од инциденти што ќе излезат од контрола е огромен.“

Токму затоа, ОН и нивниот Институт за истражување на разоружување (UNIDIR) повикуваат на етика, регулација и меѓународна соработка. Според нив, преголемата зависност од ВИ во одлуки поврзани со безбедност може да предизвика неконтролирана ескалација.

Европскиот парадокс

Европската Унија е можеби најдобриот пример за технолошки и безбедносен парадокс. Има најнапредна регулатива за ВИ во светот – EU AI Act, усвоен лани – со фокус на етика, човекови права и транспарентност.

Но, ЕУ нема свои технолошки гиганти, ниту комплетна дигитална независност. Зависноста од американски ВИ-платформи останува реалност, додека националните стратегии се слабо усогласени. Критичарите укажуваат дека сајбер-безбедноста во ЕУ е замислена реактивно, не проактивно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни