Третото издание на „Денови на Холандија“ беше отворено со симболична портокалова велосипедска тура организирана од Амбасадата на Кралството Холандија, Гоу грин – Биди зелен и Ист гејт мол. Годинашниот настан е посветен на 750-та годишнина од основањето на Амстердам како и одбележувањето на националниот ден на Холандија – Денот на Кралот на 27-ми април.

Од 25-ти до 27-ми април, посетителите на Ист гејт ќе имаат единствена можност да ја доживеат атмосферата на автентичен холандски пазар и уметничка колонија, како и да учествуваат во игра на потрага. Настанот вклучува и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје и сликање во живо во организација на ДСУЛУД Лазар Личеноски и Академијата за уметности Фонтис.

„Во партнерство со повеќе холандски и македонски компании, уметници и организации, се обидовме по трет пат да донесеме холандски вкусови и бои во Скопје. Сакаме заедно со вас да ги одбележиме убавите нешта кои нѐ поврзуваат, како што се уметноста, културата, добрата храна, цвеќето и секако – велосипедите“ – рече амбасадорката Узлем Џанел на отворањето.
Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (26-27 април) од 12:00 до 18:00 часот, додека изложбите и играта на потрага ќе бидат достапни во текот на работното време на Ист гејт, од 10:00 до 22:00 часот.