Досиејата се објавени на веб-страницата на Националниот архив на САД, со најави дека ќе следуваат и нови објави. Кинг беше убиен од куршум на атентатор на 4 април 1968 година во Мемфис, Тенеси, токму во период кога ја прошируваше својата борба од ненасилна кампања за еднакви права на Афроамериканците, кон економски прашања и повици за мир.
Неговата смрт ја потресе Америка во година што беше исполнета со расни немири, демонстрации против Виетнамската војна и атентатот врз претседателскиот кандидат Роберт Ф. Кенеди.
ФБИ ги прислушувал телефоните на Кинг
Претходно оваа година, администрацијата на претседателот Доналд Трамп веќе објави илјадници страници дигитализирани документи поврзани со атентатите врз Џон Ф. Кенеди и Роберт Ф. Кенеди.
Трамп, за време на својата кампања, вети поголема транспарентност во однос на атентатите. По преземањето на функцијата, нареди на своите соработници да изработат план за целосно објавување на досиејата поврзани со убиствата на Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг.
ФБИ уште од 1950-тите и 1960-тите години водел досиеја за Кинг, го прислушувал и го следел, лажно обвинувајќи го за можни врски со комунизмот, во контекст на Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз. Денес, ФБИ признава дека тоа било пример за злоупотреба на моќ и пречекорување на овластувањата во својата историја.
Признание што било повлечено – и судска пресуда за заговор
Обвинетиот за убиството, Џејмс Ерл Реј, скитник и поборник на сегрегацијата, призна вина, но подоцна го повлече признанието. Тој почина во затвор во 1998 година.
Семејството на Кинг апелираше до сите што ќе ги проучуваат објавените документи да го прават тоа со емпатија, воздржаност и почит кон трајната болка на семејството, потенцирајќи дека „повеќе од кога било досега е важно да се оддаде чест на неговата жртва преку посветеност на неговиот сон – општество засновано на сочувство, единство и еднаквост“.
Во 1999 година, семејството на Кинг поднесе граѓанска тужба за незаконска смрт во Тенеси, по што поротата едногласно одлучи дека Кинг бил жртва на заговор, во кој биле вклучени Лојд Џауерс и неидентификувани соучесници, меѓу кои и владини агенции, како дел од поширока шема.
Пресудата исто така потврди дека не Џејмс Ерл Реј, туку друго лице било стрелецот, а Реј бил поставен како жртвено јагне. Џауерс, поранешен полицаец од Мемфис, во 1993 година во емисијата Prime Time Live на ABC призна дека учествувал во заговорот за убиство на Кинг.
Сепак, извештајот на Министерството за правда од 2023 година ги нарече неговите тврдења „сомнителни“.