Температурата на површината на Медитеранот покрај Мајорка и на други места редовно надминуваше 30°C кон крајот на јуни и почетокот на јули – дури 6 до 7 степени над просекот за тоа време од годината. Тоа се температури повисоки и од оние во базените на спортските центри.
Ова е најекстремниот забележан морски топлотен бран во западниот Медитеран за овој период од годината. Иако водата сега полека се лади, штетата врз некои видови е веќе направена.
Топлата морска вода овозможува побрзо размножување на штетни бактерии и алги, бидејќи – за разлика од базените – морето не се третира со хемикалии. Освен тоа, вакви температури обично се појавуваат дури на крајот на летото, а не на неговиот почеток.

„Она што е различно оваа година е што температурите од 30°C дојдоа многу порано, што значи дека нè очекува долго и интензивно лето“, вели д-р Марта Маркос, професорка на Универзитетот на Балеарските острови. „Родена сум тука и навикнати сме на топлотни бранови, но ова станува сè почесто и посилно.“
Научниците предупредуваат дека климатските промени предизвикани од човечката активност – особено согорувањето на јаглен, нафта и гас – се главен двигател на овие мали, но штетни промени во морето. Бројот на денови со екстремно топли морски површини се има тројно зголемено во последните 80 години.
Медитеранот е особено ранлив затоа што е како када – опкружен со копно. Во такви услови, топлиот воздух, ведрото небо и слабите ветрови го прават морето лесно подложно на прегревање.
Иако врвот на топлотниот бран помина, температурите сè уште се повисоки од просекот. Последиците по морскиот свет – како алги, подводни треви и риби – сè уште не се целосно познати. Многу видови едноставно не можат да го издржат долготрајниот топлотен стрес, што може да доведе до умирање, намалено размножување и нарушување на целиот синџир на исхрана.
„Морските треви и алги се како шумите на Медитеранот – дом за стотици видови и природен апсорбер на јаглерод диоксид. Но тие не можат да преживеат вакви екстремни услови,“ вели д-р Ема Себријан, еколошка од Центарот за напредни студии во Бланес.
Експертите предупредуваат дека оваа климатска криза нема да остане ограничена само на подводниот свет – штетите може да се прелеат и врз рибарството, туризмот и здравјето на луѓето во крајбрежните области. Топлото море испарува повеќе, што води до зголемена влажност во атмосферата и екстремни врнежи – како што беше случајот со поплавите во Либија во 2023 и во Валенсија во 2024 година.
„Средоземното Море е канаринецот во рудникот кога станува збор за климатските промени“, предупредува истражувачот Ден Смејл. И ако летото продолжи со нов топлотен бран, последиците можат да бидат многу посериозни.