Светско првенство во хип-хоп и стрит денс во Скопје

Настанот е во организација на клубот „Брејк а Лег“, а ќе се одржи од 9 до 17 октомври, во спортскиот центар „Борис Трајковски“

Во организација на клубот „Брејк а Лег“, од 9 до 17 октомври, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе имаме можност да ги следиме најавените натпреварувања во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории.

Очекуваниот број на публика од 15 илјади присутни, говори дека во Скопје во текот на тие 10 дена ќе биде навистина раздвижено, полно со туристи, кои се дел од натпреварувањата, или сакаат да ги следат истите – што претставува одлична можност за претставување на македонското гостопримство. Она што е интересно е дека, покрај натпреварувањата, како дел од овој спектакл, се најавува и концертот на Пајак, за кој влезот ќе биде бесплатен.

Официјалното отворање на самиот настан ќе се одржи на 12 октомври, каде нѐ очекува вистински спектакл, бидејќи организаторите подготвуваат низа изненадувања.

„Чест ни е што Македонија за првпат ја има оваа прекрасна прилика да покаже колку ги поддржува спортот и танцот, како и дека има капацитети за организација на еден ваков светски настан. Верувам дека не само љубителите на хип-хоп културата, туку и сите оние, кои сакаат да покажат дека може да бидеме вистински сплотени како добри домаќини на една ваква шаренолика манифестација, ќе нѐ посетат и ќе се вклучат во овој настан, кој сметам дека е еден од најголемите случувања во нашата држава. Дадовме сѐ од себе за да се претставиме во едно поинакво светло, како пред Светската танцова организација, така и пред сите земји учеснички, кои ќе направат срцето на Скопје да чука во овој хип хоп ритам. Упатувам голема благодарност до сите оние, кои нѐ поддржуваат, сите наши соработници, сите луѓе вклучени во оваа огромна организација, како и до Министерството за култура“, изјави Трајче Петковски, организатор на настанот и основач на „Брејк а Лег“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни