Светски ден на змиите: Заштитници на рамнотежата во природата

Денес, 16 јули, светот го одбележува Светскиот ден на змиите, со цел да се подигне јавната свест за значењето на овие често погрешно разбрани суштества и нивната витална улога во зачувување на екосистемот.

Иако кај голем дел од луѓето змиите предизвикуваат страв, експертите потсетуваат дека тие се незаменливи за одржување на еколошката рамнотежа, особено преку контролата на бројноста на глодарите – што индиректно значи заштита на земјоделските култури и преносот на болести.

Според податоците на Македонското еколошко друштво (МЕД), во светот постојат околу 3.600 видови змии, додека во Македонија се среќаваат 16 видови, од кои само три се отровни. И покрај нивната приспособливост, многу видови денес се соочуваат со сериозни закани – губење на живеалишта поради човечко влијание и климатски промени.

По повод Светскиот ден на змиите, МЕД ги сподели и резултатите од своите најнови теренски истражувања за змии-рибарки (Natrix tessellata), спроведени на островот Мал Град во албанскиот дел на Преспанското Езеро. Активностите се дел од заедничката прекугранична иницијатива ПреспаНет, во соработка со партнерските организации PPNEA и SPP Prespa, со поддршка од стручни лица од Биолошкиот факултет во Белград.

„Истражувањата на змии-рибарки се важен дел од нашите напори за следење и заштита на оваа уникатна популација, која живее во мошне специфични и чувствителни хабитати,“ истакнуваат од МЕД.

МЕД апелира до јавноста да ги надмине предрасудите и да се информира за важната улога што змиите ја играат во природата. Одбележувањето на овој ден е потсетник дека секое суштество има свое место и функција, и дека заштитата на биодиверзитетот започнува со разбирање и почит.

Македонското еколошко друштво објави неколку фотографии од теренските истражувања на Мал Град, кои сведочат за богатството и значењето на овие живеалишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни