Деменцијата сè повеќе ги погодува не само постарите, туку и луѓето на средна возраст. Се губат меморијата, способноста за расудување и независното функционирање. Иако не можеме да ги контролираме нашите гени, нова научна анализа сугерира дека начинот на кој се движиме – дали пеш, со велосипед или со автомобил – може да има значително влијание врз тоа како старее нашиот мозок.
Возењето велосипед го намалува ризикот од деменција
Истражувањето, објавено во списанието JAMA Network Open, ги анализирало податоците на речиси 480.000 луѓе од биомедицинската база UK Biobank, со просечно следење од 13 години. Учесниците биле поделени според начинот на патување: неактивни (корисници на автомобил, јавен превоз и слично), пешаци, комбинирани пешаци и велосипедисти (самостојно или во комбинација со други форми).
Резултатите покажале дека возењето велосипед – самостојно или во комбинација со други форми на транспорт – значително го намалува ризикот од развој на деменција. Луѓето кои редовно возеле велосипед имале 19% помал ризик од деменција, а ризикот од Алцхајмерова болест бил намален за 22%. Особено се издвојуваат податоците за т.н. рана појава на деменција (пред 65-годишна возраст), каде што возењето велосипед го намалува ризикот дури за 40%.
Интересно е што пешачењето, само по себе, не покажало сличен ефект. Кај дел од учесниците, одењето дури било поврзано со благо зголемување на ризикот од Алцхајмер (за 14%). Зошто? Научниците сè уште немаат дефинитивен одговор, но веруваат дека се работи за разлики во интензитетот на активноста и нејзиниот ефект врз мозочната функција.
Мозокот го сака движењето – но не кое било
МРИ-скенирањата на мозокот покажале дека велосипедистите имаат повеќе сива материја во области поврзани со меморијата, како хипокампусот. Пешаците, пак, не покажале ваков ефект – а во некои случаи дури имале и помал волумен на сива и бела материја.
Неактивните форми на транспорт – автомобил, автобус, метро – немале никаков значителен ефект, ниту позитивен, ниту негативен.
А што со генетиката?
Генетските фактори и натаму играат улога. Луѓето кои го носат генот за ризик APOE ε4 имале помала корист од физичката активност, но сепак ја почувствувале. Кај лицата без овој ген, позитивните ефекти од возењето велосипед биле уште понагласени. Најважно: физичката активност имала корист за сите групи – без разлика на генетската предиспозиција.
Што значи ова за секојдневниот живот?
Ако пешачењето досега ви било главна форма на активност – тоа е секако подобро отколку да не се движите. Но, ако сакате дополнително да го подобрите здравјето на вашиот мозок, можеби е време да го извадите велосипедот од подрумот.
Секако, не секое опкружување е безбедно или погодно за возење велосипед – сообраќајот, инфраструктурата и условите за безбедност се важен фактор. Но дури и кратки рути низ маало, патот до продавница или замена на автомобилот со велосипед одвреме-навреме – можат да направат голема разлика.
Извор: Index.hr