Ова беше соопштено на денешната прес конференција на која беше претставена програмата која и ова лето ќе ја исполни Струмица со музика, уметност и култура за сите генерации.
Основач и организатор на фестивалот е Здружението „Културен забавен Живот – КЗЖ“, а се одржува под покровителство на Општина Струмица и ќе понуди 10 различни фестивалски вечери.
„Првите седум вечери ќе бидат претставени како културни настани-фолклор, поезија, книжевни работилници, театарски претстави, афоризми, читања на отворено и ретроспектива на старите времиња, со што ќе се поттикне широка културна разноликост и интеркултурен дијалог. Последните три фестивалски вечери ќе бидат главните музички вечери, со настапи на Летната школа за гитара под менторство на професор Васко Пиличев и многу други македонски уметници и групи како што се Битолски камерен оркестар со проектот MTV, Тамара Тодевска, Каролина Гочева и многу други. Сето ова е посветено на промоцијата на македонските уметници и култура. Особено е важно да потенцираме дека на фестивалот ќе учествуваат само македонски изведувачи, со што ја нагласуваме важноста од афирмирање на домашната сцена и култура“, рече на денешната прес конференција Елена Маѓеровска Паликарова заменик градоначалник и член на Советот на Општина Струмица.

Беше соопштено дека традиционалната школа за гитара во рамките на СОФ од оваа година ќе го носи името на трагично загинатиот млад музичар во пожарот во Кочани, Џоко Ѓоргиев.