Оригиналното македонско издание на „Столб што пее“ пред три години беше објавено од скопското издавачтво „ВиГ Зеница“. По него, следуваа изданија во Грција во превод на Ставрула Маврогени (издавач „Literatus“ од Солун), а сега и српското издание на „Агора“. „Столб што пее“ е претпоследниот роман на Османли и неговата шеста книга објавена во Србија.
Романот се одликува со сложена времесна и просторна структура. Неговото дејство е транс-историско и се одвива паралелно низ антиката, првата половина на 20 век и современото време. Приказната почнува во првиот век од нашата ера, кога еден антички мелограф и филозофски поет ја остава најстарата преживеана песна од древни времиња — со лирски тон и оптимистичка порака. Наративот тече преку Малоазиската војна (1919–1922), која претставува сложен меѓунационален и меѓуверски конфликт со бројни масовни цивилни масакри, продолжувајќи се до современата руско-украинска војна која почна во 2022 година. Романот нуди жестока панорама на вековите, особено на ова бурно и војнички полно столетие.
Просторот на романот ги опфаќа древна и современа Мала Азија, како и суровите води на Медитеранот, низ кои илјадници бегалци од војната и сиромаштијата од Третиот свет се обидуваат да стигнат до северните земји на Европа — места на надеж за подобар живот.
Сложената структура на романот се состои од девет меѓусебно поврзани расказни текови, во кои се појавуваат историски и фиктивни ликови, меѓу кои античкиот мелограф Сејкилос, ранохристијански апостоли, британски археолози, инженери на отоманската железница, грчки офицери, турски зејбеци, рембетски музичарки, цивилни страдалници од градовите Измир и Ајдин и сириски бегалци што се обидуваат да се обединат.
Романот содржи и впечатливи документарни елементи: оригинални фотографии, агенциски вести, актуелни твитови, како и четири музички QR-кодови кои го поврзуваат насловот и метафората „Столбот што пее“ со музиката и приказната. Османли со ова дело создава иновативен фикционален, документарен и мултимедијален наратив, кој делумно е и интерактивен.
Преводот на романот на српски јазик го објави „Агора“ со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, преку фондот за поддршка на објави на значајни македонски книги во странство.