Производителот на автомобили Стелантис денеска објави нето загуба од 2,3 милијарди евра во првата половина од 2025 година, како резултат на пад на продажбата во Европа и САД, како и трошоци поврзани со прекин на производството на одредени модели, покажуваат прелиминарните резултати.
Во првата половина на 2024 година, оваа француско-италијанско-американска групација, која произведува седум автомобилски брендови, меѓу кои се Пежо, Фиат и Крајслер, оствари нето добивка од 5,6 милијарди евра, што веќе претставуваше пад од 48% во однос на рекордното ниво во 2023 година.
Во првите шест месеци од оваа година, Стелантис остварил промет од 74,3 милијарди евра, според соопштението на групацијата, што претставува пад од 12,5% во однос на истиот период во 2024 година.
Меѓу факторите кои ја објаснуваат оваа загуба, групацијата ги наведува привремените прекини во производството како одговор на новите царини во Северна Америка и транзицијата на производството во проширениот европски пазар.
Бројот на испорачани возила до дилерите е намален за 6% во второто тромесечје од 2025 година, и изнесува 1,45 милиони возила.
Групацијата додава дека мерките за подобрување на перформансите и рентабилноста на возилата сè уште се во прелиминарна фаза, и се очекува да дадат поголем позитивен ефект во втората половина од 2025 година.
Стелантис ги суспендираше своите финансиски прогнози на 30 април, поради неизвесноста предизвикана од воведувањето на американските царини. Финансиските резултати за второто полугодие ќе бидат објавени, како што е предвидено, на 29 јули, се наведува во соопштението.
Акционерите на Стелантис, во голем број, на вонредното генерално собрание во петокот, го одобрија именувањето на Италијанецот Антонио Филоса за нов извршен директор на компанијата.