Младата македонска балерина Стефанија Гаштарска е избрана според престижниот руски магазин „Форбс“ меѓу осумте млади балерини кои се надежта на рускиот балет. Оваа македонска балерина, која потекнува од балетско семејство, од најмлади нозе сакала да биде дел од руската балетска сцена. Таа основното музичко образование го завршила во „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а школувањето го продолжила во Русија. На 15 години заминала да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи за класичен балет. Образованието го продолжува на Академијата за балет на „Бољшој“ каде што во огромна конкуренција, Стефанија дипломирала со највисоки оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја која влезе во „Бољшој“. Стефанија е бренд-амбасадор на светски познатата компанија за балетски патики, „Гришко“.
Стефанија денес најголем дел од времето живее во Москва, а често се враќа во Скопје. Со неа зборувавме за балетот и животот во Москва, но и за нејзиниот град каде е родена, за мирисите од деството и за тоа која македонска приказна би ја преточила во балет…
Трн: Каква е Москва за тебе?
Стефанија: Москва е прекрасна, многу го сакам тој град. Не можам да кажам едно годишно време кое е убаво. Москва е различна и во зима, во пролет, во лето, во есен и мислам дека треба да се види во сите годишни времиња. Прекрасна е секогаш. Русија е колевката на балетот. Едноставно Москва мириса на уметност. Кога ќе излезеш во центар на плоштад се слуша Чајковски. Мислам дека доволно е тоа.
Трн: Кој мирис те враќа во Скопје кога си далеку?
Стефанија: Еднаш кога бев во еден ресторан во Москва, на менито пишуваше пилешко со балкански сос. И го нарачав тоа пилешко зaради тој балкански сос, за да видам за што се работи и ми донесоа ајвар. И тој мирис на ајвар ме врати во детството во Скопје. Ништо ме нема вратено толку дома, како тој мирис на ајвар.

Трн: Која македонска приказна би ја преточила во балет?
Стефанија: Можеби би направила балет за историјата на Македонија, за нашите револуционери, можеби, некоја позната битка, позната револуција….Би направила некоја таква интересна приказна.
Трн: Кога би можела да ја изведеш една балетска сцена во некој дел од Скопје, каде би било тоа и зошто?
Стефанија: На скопското Кале, затоа што е симболично и автентично.

Трн: Улога која ти е особено драга?
Стефанија: Тоа мислам дека е едно од најтешките прашања што може да ме прашате, затоа што сите улоги што сум ги изиграла ми се драги и ми се омилени. Ама еве ако морам да одберам, еве ќе одберам три. Тоа е Црниот лебед од претставата Лебедово езеро, Јулија во претставата Ромео и Јулија и Жизел.
Трн: Кога гледаш назад, дали мислиш дека си се избрала балетот, или тој те избрал тебе?
Стефанија: Балетот ме избра мене, затоа што јас уште од малечка пораснав некако позади кулисите во театарот, бидејќи мајка ми е балерина. Постојано гледав проби, гледав претстави и некако со секоја претстава сè повеќе и повеќе почна да ми се допаѓа балетот. Јас одев на тие претстави без некоја идеја, без никои планови дека јас ќе се заљубам во оваа професија. Ама, колку повеќе гледав, толку повеќе се заљубував.

Трн: Што би ѝ кажала на „идната ти“ пред голем настап – не поучно, туку искрено?
Стефанија: Па би и кажала да не се докажува себеси на претставите, да не се докажува себеси пред публиката, туку едноставно да ужива во секој момент на сцената.
Трн: Кога настапуваш на сцена во Русија, има ли миг кога се претвораш повторно во онаа мала девојка што танцуваше дома пред огледало?
Стефанија: Секогаш ми текнува на таа малечка јас кога сум на сцена и кога ги играм главните улоги. Секогаш ми текнува на неа. Дури ми текнува на неа во некои тешки моменти, кога сакам да се откажам, кога едноставно е… кога премногу сум уморна и премногу ми е тешко. Но, некако таа малечка јас ме мотивира да продолжам, да не се откажам, за да не ја разочарам, затоа што таа беше со големи соништа.