Иако повторно се разговара, ниту една од спротивставените страни не очекува брзо решение. Претставниците на двете заедници имаат сосема различни ставови за можниот исход. Гутереш се обидува преку неформални средби во Женевската Палата на народите да најде заедничка основа за повторно започнување на официјални мировни преговори.
Што е во суштина кипарскиот конфликт?
Како и многу други конфликти, и овој има длабоки историски корени. Децении наназад, грчките Кипрани бараа обединување на островот со Грција, додека кипарските Турци – кои се населиле на островот за време на османлиското владеење – беа скептични кон таквите идеи.
Ситуацијата ескалира во средината на 20 век. По долги преговори меѓу Кипраните, тогашната колонијална сила Велика Британија, како и Грција и Турција, во 1960 година Кипар стекна независност. Истовремено, Велика Британија, Грција и Турција добија статус на гарантни сили.
Во 1963 година избувнаа меѓуетнички судири, познати како „крвав Божиќ“, што доведе до распоредување на мировните сили на ОН – кои и денес се присутни на островот.
Во 1974 година, радикални грчки Кипрани изведоа воен удар со цел насилно припојување на островот кон тогашната грчка воена хунта. Како одговор, Турција испрати војска за да ги заштити кипарските Турци и го зазеде северниот дел на островот. Иако државниот удар беше поништен, Турција остана присутна на северот, каде што во 1983 година беше прогласена „Турска Република Северен Кипар“. Оваа територија е признаена само од Турција, но не и од меѓународната заедница.
Денес, Република Кипар се залага за повторно обединување на островот, додека кипарските Турци бараат признавање на нивната држава и решение со две одделни држави.
Во мај 2004 година, Република Кипар стана членка на Европската унија, но европските закони не се спроведуваат на северот, бидејќи кипарските Турци не учествуваат во институциите на ЕУ.
Досегашни неуспешни мировни обиди
ОН веќе повеќе од 60 години се обидуваат да посредуваат во решавањето на конфликтот, не само поради политички причини, туку и поради високите трошоци за мировните сили.
Во 2004 година, непосредно пред пристапувањето на Република Кипар во ЕУ, постоеше надеж за решение. Тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, предложи федерација со широка автономија за двата дела на островот, додека во меѓународни рамки би ги претставувала заедничка влада. На референдумот, кипарските Турци гласаа „за“, но грчките Кипрани го одбија предлогот.
Оттогаш, преговорите се одвиваа во различни формати, но без успех. Во 2017 година, Антонио Гутереш мораше да објави неуспех на преговорите во швајцарскиот град Кран-Монтана, бидејќи двете страни не можеа да се договорат за повлекувањето на 35.000 турски војници од северот на островот.
Што е следно?
Во 2021 година, Гутереш организираше неформален состанок во Женева за да провери дали постои заедничка основа за официјални преговори, но тоа не беше случај. Сега е направен втор обид.
На последните разговори учествуваат кипарскиот претседател Никос Христодулидис, лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, како и претставници на гарантните сили – Грција, Турција и Велика Британија.
Иако голем пробив не беше постигнат, договорено е следната рунда разговори да се одржи кон крајот на јули.