Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ осуден на 60 дена затвор во Хрватска

Трифуновиќ е прогласен за виновен за две дела од Законот за јавен ред и мир и е должен да плати 150 евра за трошоците на постапката

Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е осуден на 60 дена затвор од страна на Општинскиот суд за прекршоци во Сплит.

„Кон обвинетиот, изречена е условна осуда со тоа што извршувањето на затворската казна се одложува за период од една година, а истата нема да се изврши под услов во тој период да не стори еден или повеќе прекршоци за кое има иста или потешка казна“, се наведува во соопштението на судот.

Трифуновиќ е прогласен за виновен за две дела од Законот за јавен ред и мир и е должен да плати 150 евра за трошоците на постапката.

Обвинетиот и застапникот на овластениот обвинител изјавиле дека се откажуваат од правото на жалба, па пресудата стана правосилна на денот на донесувањето, 18 септември 2024 година.

Сергеј Трифуновиќ на 16 септември, на граничниот премин со Србија, Бајаково-Батровци, бил приведен од хрватската полиција бидејќи, како што информираат хрватските власти, пред една година со објава на социјалните мрежи ги навредувал и омаловажувал полицајците.

„Дали е можно државјанин на Србија поради ова да биде на барана листа во Хрватска? Тогаш секој од десет илјади заслужува потерница? Ме судат за вербален прекршок, за алузии и метафори и претпоставувам ова сепак не е Северна Кореја“, рекол Трифуновиќ пред судот.

По излегувањето од судницата, тој на новинарите додека ја чекал пресудата им изјави дека станува збор за снимки со три фотографии од филмот „Дара из Јасеновац“, каде неговиот пријател Марко Јанкетиќ го игра командантот на логорот Јасеновац, Макс Лубуриќ.

„Тој ме прашува каде одам, а јас му одговарам дека го шетам кучето, а потоа ми мави да му пријдам со прстот. Тој стои на тие три фотографии. Тоа се фотографии од филм и на нив никаде не можете да видите униформа на хрватски полицаец“, рекол Трифуновиќ.

Во објава на Инстаграм, српскиот претседател, Александар Вучиќ, апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.

Најново

Последни колумни