Нови Сад ќе подигне споменик за загинатите во трагедијата на железничката станица

На вчерашната седница, Советот на Град Нови Сад ја усвои иницијативата на градоначалникот Жарко Миќин за изградба на споменик на загинатите при падот на надстрешницата на железничката станица на 1 ноември 2024 година.

Од присутните 56 советници, 44 гласаа „за“, без ниту еден глас „против“ или воздржан. Советниците од опозицијата ја напуштија салата пред самото гласање.

Градоначалникот Миќин истакна дека има морална и човечка обврска да обезбеди трагичниот настан никогаш да не биде заборавен, и дека трајното обележување на местото на несреќата ќе покаже дека жртвите остануваат во колективната меморија на целата заедница.

„Овој споменик ќе биде дел од културата на сеќавање – симбол на почит и предупредување“, рече Миќин, кој се заблагодари на Заводот за заштита на споменици на културата, кој ги достави основните елементи за изгледот на идниот споменик.

Поддршка на иницијативата дадоа советниците од Српската напредна странка (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС). Опозициските претставници истакнаа дека не се против подигање споменик, но го критикуваа фактот што иницијативата доаѓа од страна на актуелниот градоначалник, кој – според нив – претставува власт што не ја утврди одговорноста за трагедијата.

Во несреќата што се случи при падот на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни