Шарла Рекордс организира слушачка промоција на изданието број 111 во вид на вториот албум на импров џез дуото Омерагиќ и Спировски – (слобода) LP.
Ова музичкo матине ќе се случи во петок (20.06.2025) во продавницата за музички изданија re:start во ГТЦ со почеток во 16 часот. Албумот излегува на CD во лимитиран тираж, а достапен ќе биде и во дигитална форма преку Bandcamp профилот на Шарла.
Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски иако сѐ уште релативно млади, веќе се во категоријата на искусни музички автори и изведувачи со завиден број албумски изданија и концертни настапи во регионот и пошироко.
Нивната прва соработка е во бендот Fighting Windmills, за првиот сериозен успех на меѓународна сцена да го постигнат преку изданијата на Светлост и Odron Ritual Orchestra, засилени со уште неколку истакнати џез музичари. Како дуо, нивната работа започна во 2020 година со албумот Two Ways East (Шарла DR062), со кој јасно ја одредија својата ориентација кон нов звук со исклучително свежи и храбри музички идеи.
Ако во тој материјал ги артикулираа музичките страсти на две пијана, овде се во својата матична инструментална поставка – контрабас и тенор саксофон/кларинет. Но, само навидум. Звучната слика е далеку покомплексна со оглед на експерименталниот пристап поткрепен од еден куп звучни ефекти, вокални елементи и лупови создавани во текот на самиот студиски процес на снимање во живо. Се работи за двајца врвни музички визионери и ,,разбојници” во исто време, во чиј авангарден авторски израз ќе ги сретнете влијанијата на панкот и фри џезот, анархизмот и борбата за работничките права, социјалниот менталитет на Чаир и Ѓорче Петров, и секако – волшебниот апсурд на 21 век. И сѐ тоа, само и единствено во име на универзалниот порив и потреба на човекот за – слобода.
Албумот е снимен и во целост реализиран во тонското студио Кларион од Дејан Ангелевски. Како продуценти се потпишуваат самите автори, а насловната фотографија за албумската корица е на Глигор Кондовски.