Словенечката авторка, Наташа Конц Лоренцути ја промовира книгата „Кој е денес главен“ во Скопје

Познатата словенечка авторка на книги за деца и млади, Наташа Конц Лоренцути, денес во 11 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе ја промовира својата книга „Кој е денес главен“, што од словенечки на македонски ја преведе универзитетската професорка д-р Лидија Аризанковска.

На настанот што со поддршка на ЕУ инфоцентарот, го организираат издавачот „Бата прес“ и Градската библиотека, писателката со присутните деца ќе зборува за делото, за своите авторски искуства и за креативно пишување.

Книгата „Кој е денес главен“ е духовита и интересна приказна со преубави илустрации од познатата словенечка илустраторка Тања Комадина. Приказната ја следи Ника. Таа е најмалото девојче во семејството и едвај чека да биде главна. И тоа ќе се случи, се разбира. Но, пред да биде главна треба да поминат неколку годишни времиња и треба да направи неколку урнебесни работи, да патува, да си игра, да научи нешто ново и малку да порасне…

Објавувањето на делото е поддржано од ЕУ и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори. Неколку од авторите во последново тримесечје од годинава се поканети и прифатија да присуствуваат на промоции на нивните објавени дела во Македонија.

Наташа Конц Лоренцути (1970) дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, каде што и магистрирала во 2010 година. Во периодот од 1994 година до 1999 година била ангажирана како актерка во два професионални словенечки театри, а од 1999 година се посветила на литературата. Досега има објавено тринаесет книги за деца и млади и три книги за возрасни. Нејзините книги биле номинирани и освоиле врвни награди за литература и творештво во Словенија, како и меѓународни признанија во Трст, Италија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни