Search

Скопје како симбол на соживот, би бил инспирација за стрип авторите на Дилан дог

На покана од организаторите на фестивалот „Стрип Трип“, Скопје оваа година го посетија двајца истакнати италијански стрип автори – сценаристот Роберто Рекиони и цртачот Андреа Акарди, познати по својата работа на популарниот серијал „Дилан Дог“. Во интервјуто со нив, тие одговорија на низа прашања, при што открија интересни детали за нивната работа и перспективи. Едно од највозбудливите прашања беше за тоа што би ги инспирирало од Скопје за создавање нов стрип. Прочитајте што ги фасцинираше овие двајца уметници и која е главната идеја што ја пренесуваат преку својата уметност.

Трн: Со оглед на вашето долгогодишно искуство и соработка со големи издавачки куќи како Disney, Panini и Bonelli, како ги балансирате комерцијалните притисоци со вашата креативна слобода? Дали некогаш сте морале да компромитирате дел од вашата визија заради барањата на издавачите?

Андреа Акарди: Никогаш не сум дошол во ситуација да жртвувам некој аспект од мојата креативност заради барањата на издавачката куќа. Ние цртачите, односно творците на стрипови имаме одредени правила до кои се придржуваме меѓутоа никогаш не сум бил во ситуација да се откажам од нешто на барање на издавачите.

Андреа Акарди

Трн: Како мислите дека се променил вкусот и барањата на публиката во текот на годините? Дали има разлика во тоа што читателите очекуваат од комиксите денес во споредба со времето кога започнувавте?

Роберто Рекиони: Стриповите се менуваат со текот на времето врз основа на она што е вкусот на читачите. Во последните години многу се во мода манга стриповите кои наметнуваат нови стилски избори, како цртачки, така и наративни. Стрип авторите се прилагодуваат на овие времиња, на барањата на новата публика па така и јас и Андреа исто така се прилагодуваме со нашите творби.

Роберто Рекиони

Трн: Комиксите често се користат како медиум за социјална критика и политички коментар. Каква е вашата перспектива за ова? Дали сметате дека е важно комиксите да се занимаваат со контроверзни или политички теми, и ако да, кои теми се најзначајни за вас?

Андреа Акарди: Пред 20 години со еден мој колега Масимилијано де Џовани започнавме да третираме теми кои се многу актуелни, конкретно зборувам за темите за родова еднаквост. Доколку постои една тема за која вреди да се зборува за да се испрати порака тогаш стрипот е одличен медиум кој успева тоа да го изрази на суптилен начин и да допре до широка публика. Во нашиот конкретен случај пред 20 години, тоа беше желба на мојот колега, тој е сценарист, така што таа тема тогаш силно ја застапувавме.

Роберто Рекиони: Животот е политика, се што работиме е политика, уметноста е особено политика, сите мои дела имаат некаква политичка порака, особено ДИлан Дог и Сираци, особено тие два стрипа се проткаени со политички пораки. Ако некој во денешно време каже дека е уметник кој не е политички ангажиран, тоа е неточно, и самата неангажираност е на некој начин политички став

Трн: Како овие фестивали влијаат за популаризација на стрип културата?

Андреа Акарди: Фестивали како овој друг се бездруго корисни за да се рашири познавањето на стрип културата која не во сите земји ужива еднаква читаност. Од овој фестивал очекувам да се запознаам со луѓе, пред се мислам на читателите бидејќи тоа се луѓето со кои ние сакаме да комуницираме најмногу, но, сепак овој вид фестивали не знам колку може да помогне во промоцијата на нашите дела затоа што од кога се појави интернетот тие се многу повеќе застапени, тоа е медиум со неверојатна брзина и допира до сите веднаш.

Роберто Рекиони: Јас мислам малку поинаку од Андреа, сметам дека овие фестивали се клучни за доближувањето на стрипот до публикатабидејќи некои историски многу познати фестивали посветени на стрипот се оние кои придонесоа за поголема популарност на стрипот и на поп културата генерално. Така што мислам дека фестивалите се од огромно значење.

Канцеларијата на Дилан Дог

Трн: Колку новата технологија влијае на вашиот процес на работа и како?

Роберто Рекиони: Зависи за кои нови технологии станува збор, ако зборуваме за дигиталното цртање тогаш мислам дека тоа е одлична алатка која ни помага во нашата работа, а ако зборуваме за она што во последните години зема замав, вештачката интелигенција за цртежи, сметам дека тоа е штетно за нашата работа, бидејќи се уште не постојат закони кои ќе ја уредуваат етичката страна и другите правни и авторски аспекти. Вештачката интелигенција е штетниот аспект од технолошкиот напредок.

Андреа Акарди: Веќе неколку години употребувам алатки за дигитално цртање и тоа значи дека веќе неколку години не цртам со четкичка и фломастер на хартија. Тоа за мене на почетокот претставуваше одличен напредок бидејќи ми овозможуваше побргу да ги завршам своите цртежи, бидејќи јас не сум многу брз во цртањето. Меѓутоа сега ја губам и таа предност бидејќи губам многу време во истражување на се она што може дигиталниот дизајн да ми помогне во моето творештво.

Трн: Што би зеле како инспирација за стрип од Скопје?

Роберто Рекиони: Целиот град е една крстосница на различни култури, историјата на сите овие земји се состои во континуирани напори, битки да доминираат различни култури, различни народи, но исто така и напор да се оствари мирен соживот на различни култури кои имаат различни визии за светот и животот. Симбол на соживот е Скопје. Тоа е најинтересниот и најзабавниот аспект за мене за сите балкански земји , а особено Скопје која е крстосница на оваа територија бидејќи го спојува Балканот со Југот. Значи би се фокусирал на таа историја каде различни култури и се судираат и се натпреваруваат меѓу себе за да потоа завршат во еден мирен соживот сите заедно.

Андреа Акарди: Од аспект на цртач фасциниран сум од Александар Македонски и многу би сакал и фасциниран сум генерално од тие тогашни битки на македонските фаланги конкретно. Ако треба да нацртам нешто инспириран од мојот престој во Скопје тоа би било тоа, меѓу другото видов на споменикот на плоштадот еден релјеф кои ги претставува борбите на фалангите на Александар Македонски, тоа сметам дека е многу инспиративно.

Најново

Последни колумни