Денеска Град Скопје ги отстрани бетонските барикади на изгорениот мост врз кои уметникот Давор Кешкец имаше нацртано уметнички дела. Во обид да го затвори сообраќајот преку мостот, Град Скопје најде лошо решение- ги премести бетонските плочи со цртежи од „Партизанска“ кај мостот „Беласица“ и ги постави како барикади за возила. За помалку од 24 часа од објавата дека Град Скопје не ја почитува уметноста и дека ги понижил сите уметници кои имаат свои улични дела, барикадите со цртежи се подигнати и повеќе не служат како блокада за возилата.
Инаку, скандалот предизвика низа реакции по социјалните мрежи и негодувања на уметниците дека ваквото однесување на Град Скопје е целосно напочитување на делата и на уметничкиот труд. По јавните критики упатени кон градоначалничката Данела Арсовска, утринава градските служби интервенираа и ги остранија барикадите, односно ги подигнаа плочите со цртежи.
Инаку, авторот на делата, Давор Кешкец во изјава за Трн посочи дека ова е незапаметена работа и дека не му се верува оти ова се случило со неговите дела.
„Тоа се вредни дела, правени со колеги уметници, во соработка со МКЦ и Град Скопје. Тие цртежи на бетонски столбови имаа намена да бидат уметност во јавен простор, но и да затворат одредени пешачки зони за автомобили.
„Ова е непочитување кон мене, кон другите уметници кои цртаа со мене, кон сите мои колеги. Едноставно непочитување на нашата работа, на уметноста. Овој пат се моите дела, чии ќе бидат следни?“ праша Кешкец во изјавата за Трн.