Џез Ин продолжува со пракса на носење млади, но веќе афирмирани имиња од домашната џез сцена. Во петок на 09 мај гостува квартетот на Симеон Ангеловски, кој го сочинуваат: Иван Иванов саксофон, Давид Горгиев тапани, Андреј Петровски гитара и Симеон Ангеловски бас.
“Симеон Ангеловски квартет” е музички проект основан во 2023 година. Репертоарот се состои од оригинални композиции чиј автор е Симеон Ангеловски. Покрај тоа, бендот изведува и дела од познати светски артисти и композитори, како и адаптации на традиционални македонски теми, специјално приспособени за звучниот идентитет на квартетот.
Материјалот под наслов „Промени“ (Changes) претставува музички израз на целото досегашно искуство на басистот и композитор Симеон – фузија на џез, афро и соул звуци преточени во нова музика. Квартетот е составен од џез-музичари чија заедничка идеја и пасија е љубовта кон музиката до сите нејзини убавини и мистерии низ кои, преку овој квартет, заедно патуваат, се забавуваат и создаваат.
Покрај својот џез квартет, Симеон Ангеловски на македонската музичка сцена е познат и како фронтмен на етно џез групата Калата, а во Џез Ин веќе има настапувано како дел од екипата на Дина Јашари.