Научниците оцениле дека шумските пожари кои последните два дена беснеат во околината на Лос Анџелес, се предизвикани од ветерот, како последен во низата климатски екстреми кои најверојатно ќе продолжат да ескалираат со растењето на глобалните температури.
Пожарите во Калифорнија избиле многу подалеку од традиционалната сезона и многу брзо се прошириле. Поради бројот на уништените објекти, пожарите се оценуваат како историски, пишува Ројтерс, а пренесува Глас на Америка.
Последните години, пожарите се редовна појава, а изгорените површини се сè поголеми поради зголемените периоди на суша и променливо време.
„Климатските промени ги менуваат карактеристичните образци на пожарите во овој регион“, изјави Кимберли Симпсон од Школата за бионаука на Универзитетот во Шефилд.
Само неколку часа по метеоролошкото предупредување за ветрот со екстремна јачина и сувите услови во областа на Лос Анџелес, делови од градот биле во пламен. Палмите се палеле како ќибрит, гореле автопати, домови… До среда наутро, десетици илјади луѓе бегале од своите домови бидејќи пожарите излегле од контрола.
Неколку фактори допринеле за ваквиот развој на ситуацијата.
Ветер
Лос Анџелес, кој е дел од пустината во јужна Калифорнија, е познат по ветровите Санта Ана кои дуваат кон брегот.
„Во суви зимски услови, не е невообичаено да се развијат ветрови на голема брзина“, изјави Бренд Вокер од британската метеоролошка агенција Мет офис.
Но, она што го направило пожарот историски не е типичниот ветер Санта Ана. Наместо тоа, необично силните ветрови се производ на бура над долината на реката Колорадо, а дополнително се засилуваат со она што научниците го нарекуваат „планински бран“.
Феноменот „планински бран“ настанува кога одредени ветрови удрат во планинските венци, по одредена температура.
„Кога овие услови совршено ќе се усогласат, бранот се однесува како да е во океанот – ветровите минуваат преку планините“, изјави научникот Пол Шлатер од Националната метеоролошка служба во Колорадо. „Она што навистина го поттикнува пожарот е комбинацијата од тие ветрови кои добиваат појачување од планинскиот бран.“
Сличен „планински бран“ се случил во 2021 година во Колорадо, при пожарот Маршал, кој бил поттикнат од ветрови од 185 километри на час. Пожарот тогаш ја уништил илјадници куќи и други објекти пред да биде изгасен.
„Секој пожар под тие услови брзо ќе излезе од контрола“, изјави Шлатер.
Неодамнешните снежни бури над планините Сан Бернардино, на околу два часа возење од Лос Анџелес, исто така може да придонесат за динамиката на ветерот, велат научниците.
„Гориво“ за пожарот
Пред пожарите, Американската национална метеоролошка служба издаде неколку предупредувања за густо населената област на Лос Анџелес – предупредувајќи дека пожарот може брзо да се прошири поради сува вегетација – грмушки, палми, трева – кои се однесуваат како „гориво“ за огнот.
Просечната температура во Калифорнија се зголемила за околу 1 степен Целзиус од 1980 година, па се удвостручил и бројот на денови кога вегетацијата е сува и осетлива на пожар, вели експертот за управување со пожари Линдон Пронто од Европскиот институт за шуми.
„На крајот имате сложени последици и гледате дека пожарите се многу поекстремни во различни времиња од годината, било тоа во декември или јануари“, изјави тој.
Покрај дрвјата чапарал и еукалиптус, густо населената урбана пејзажа на Лос Анџелес исто така вклучува запалив материјал со висечки кабли за напојување, дрвени телефонски столбови и куќи изградени од дрво во согласност со правилата за земјотреси.
Дрвената градба исто така беше главен фактор во брзото ширење на пожарот во 2023 година во историскиот град Лахаи на Хаваите.
Научниците предупредуваат дека, покрај пожарите, постои ризик од одрони кога ќе изгори вегетацијата, како и од експлозија на гас или пропан и други запаливи материјали кои се во запалените домови.