Search

Сеопфатното сексуално образование во светот на лажните вести

Велат „Додека вистината ги облекува чевлите, лагата ќе го заобиколи светот.“ Многу често „облечени“ во наводна добронамерност и загриженост, лажните вести се шират со брзина на светлината, без никаква тежина и веродостојност, од страна на нестручни лица кои немаат ниту сознанија, ниту желба да научат повеќе. Притоа, оние коишто ги смислуваат и споделуваат не нудат решение за проблемите што со години тлеат, туку тоа го прават за да создадат хаос, паника и недоверба.  

Одличен пример за ова е програмата за сеопфатното сексуално образование (ССО) што беше неодамна пилотирана како изборен предмет за 9-то одделение во неколку училишта низ земјава. За многумина контроверзно првенствено поради зборчето „сексуално“ што веднаш ги подотвора табуата, ССО има исклучително важна улога во подготвувањето и информирањето на младите за сето она што ги чека во пубертетот и адолесценцијата. Токму затоа и се заснова на темелно евалуирана програма со релевантни и точни податоци, соодветно прилагодени за возраста, за сексуалното и репродуктивното здравје и права кои се загарантирани со Универзалната декларација за човекови права. 

Ако се земат предвид загрижувачките стапки на малолетничка бременост, абортуси, силувања, насилство врз жени и сексуално вознемирување во земјава, една работа е како бел ден јасна: нешто мора да се промени, вклучително и во образованието! Со воведување на ССО во формалниот образовен процес, секој млад човек ќе има можност навреме да се едуцира за овие исклучително важни аспекти на здравјето.

Оттука, би сакала накусо да ги претставам содржините што ги опфаќа ССО, и тоа од позиција на млад човек, врсничка едукаторка за ССО, наставничка и лекарка.

Првата од седумте компоненти на ССО е онаа за родот преку која младите учат за социјално конструираните разлики меѓу момчињата и девојчињата, причините поради кои жените се помалку вреднувани од мажите, размислуваат за својата иднина и кариера според личните желби и способности, а не според општествените очекувања. Компонентата „Врски и односи“ поучува дека врските со другите лица се убави и потребни за личниот развој, но само доколку се втемелени на добра комуникација, доверба и разбирање. Преку неа младиот човек учи да не потпаѓа под притисокот да влезе во сексуална врска бидејќи сите други го прават тоа, туку да разбере дека одлуката мора да биде целосно негова лична и дека има право да каже „не“, а другата страна мора да ја почитува таа одлука. 

Компонентата за телото и сликата за телото, се чини, ни е нужна во денешно време. Преку неа младиот човек учи да се сака и да се прифати себеси и своето тело и да не потпаѓа под притисоците на општеството и наметнатите стандарди за тоа како „треба“ да изгледа. Компонентата „Сексуално и репродуктивно здравје“ опфаќа исклучително важни информации за тоа како младите да се заштитат од сексуално преносливи инфекции и како да изградат позитивен став кон превенцијата и навремената грижа за сексуалното и репродуктивното здравје од кое зависи целокупната добросостојба. 

Еден од најважните концепти што ги донесува компонентата „Сексуалност“ е оној за согласноста. Преку него младите учат дека еднаш дадената согласност не важи засекогаш и дека одлуката за сексуална активност се донесува доброволно и слободно, кога тие се чувствуваат доволно информирани и подготвени. Со компонентата „Насилство“ се отвораат прашањата за разните форми на насилство, вклучително и за врсничкото и сексуалното вознемирување во училиштата, за тоа каде може да се пријави насилството и како да се заштитат. Покрај ова, младите учат дека за насилството виновен е сторителот, никогаш жртвата! Преку компонентата „Граѓански аспекти“, пак, се разговара за човековите права, кои ги опфаќаат и сексуалните и репродуктивните права. Се разговара и како да се почитуваат правата на другите и каде може да се пријави прекршувањето на правата.

Не се учи од учебник туку низ работилници што ги води наставникот по насоките на УНЕСКО за сеопфатно сексуално образование. Овие насоки се содржани во прирачник којшто е изработен по највисоки стандарди, соодветно на развојниот период и возраста на децата и младите, внимателно ревидиран од стручни лица и составен од релевантни и со докази поткрепени информации. Притоа, целта не е младите да станат експерти во полето на репродуктивното здравје и права, туку да се насочат кон креирање здрави навики, донесување правилни одлуки, неприфаќање на насилното однесување, развивање доверба во институциите и соработка со родителите и наставниците како главни медијатори и штитеници на младите. 

Од прва рака можам да кажам дека во седумте години што ги имам поминато како врсничка едукаторка, овие содржини се исклучително добро прифатени и добредојдени – и во руралните и во урбаните средини, и од младите и учениците, но и од нивните родители и наставници. Конечно, како лекар, сакам да нагласам дека превентивни едукативни програми како ССО се исклучително важни и од јавно- здравствен аспект бидејќи придонесуваат кон спречување на сексуално преносливи инфекции и ХИВ, намалување на стапката на абортуси, особено на нелегалните абортуси, намалување на стапката на малолетнички бремености, и зачувување на менталната благосостојба со препознавање, превенција и пријавување на случаи на сексуално вознемирување и насилство. Што, во суштина, и не би требало да изненадува, зарем не? Бидејќи кога ги имаме точните информации навреме, можеме многу подобро да се грижиме за себе, а со тоа и за луѓето околу нас. 

Авторката е членка на Управниот одбор на ХЕРА.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни