Семејното насилство во Македонија зема замав во последната година, а тоа го вклучи алармот кај граѓанските здруженија и јавноста.
Тоа придонесе и за институционална реакција.
Со најновите предлог измени на Кривичниот законик, насилникот ќе може да се гони по службена должност, дури и без жртвата да поднесе пријава.
Доволно ќе биде сведокот, сосед, роднина, пријател, случаен минувач да пријави семејно насилство, а институциите ќе бидат должни да реагираат.
До сега, често се случуваше жртвата, соочена со трауми, заплашувања или економска зависност, да се повлече од постапката со што насилникот останува неказнет.
Гонењето по службена должност, без потреба од претходна пријава од жртвата, претставува системска промена која ги ослободува жртвите од дополнителен притисок и страв од одмазда.
Се уште не се знае кога овие измени ќе се најдат пред Владата и Собранието.
Според официјалните податоци, во првите три месеци од оваа година имало 270 пријави за семејно насилство, а како последица на тоа од јануари до март има два смртни случаи.